СКОПЈЕ, 15.09.2017 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува оштетувањето на возилото на новинарката на неделникот Фокус, Вики Клинчарова и го оценува како директен атак врз слободата на говорот и правото на информирање.
Колешката Клинчарова, на која вчера непознати сторители со остар предмет го оштетиле нејзиното возило, минатата недела добила закани од лице со криминално досие поради објавен текст во неделникот.
Разочарани сме од бавната реакција на полициската станица во Неготино, која испуштила веднаш да го повика на разговор лицето што упатувало закани на новинарката, со објаснување дека било празник.
Политичката волја на Владата и на новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да престанат нападите на новинари нема да вроди со плод ако ваквата политика не се спроведе од сите полициски структури.
Најдобра превенција на идни напади на новинари е воспоставување на ефикасен институционален механизам за остро казнување на напаѓачите на новинари. Тоа ќе ги обесхрабри насилниците и ќе создаде безбеден амбиент за работа на новинарите, без кое нема да се подобри состојбата со слободата на медиумите во Македонија.
ЗНМ во последните шест години има регистрирано над 50 напади на новинари, а ниту еден од насилниците не е казнет.