СКОПЈЕ, 28.11.2017 – Денеска во Софија, Бугарија се одржува Конференција посветена на предизвиците со кои се соочуваат медиумите во Југоисточна Европа, организирана од Форумот за медиуми од Југоисточна Европа. На конференцијата учествуваат околу 300 претставници на медиумите, медиумски експерти, претставници на академската заедница и на локални и меѓународни медиумски организации.
На панел дискусијата посветена на лажните вести учествуваше и директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, кој истакна дека во регионот се потребни медиуми, кои ќе бидат пример во борбата со лажните вести. „Јавниот радиодифузен сервис, во случајот со Македонија, МРТ, има важна улога во овој контекст и тој треба да послужи како пример како треба да известуваат и другите медиуми“, рече Секуловски.
Тој смета дека еден од механизмите на долготрајна битка против лажните вести е подигнувањето на свеста и едукацијата на граѓаните за препознавање на лажните вести. „Точно е дека најчесто лажните вести се шират преку онлајн медиумите, но погрешно е да се мисли дека ваквата медиумска содржина може да се регулира со закон. Прекумерната регулација, може да предизвика самоцензура и негативно да се одрази на слободата на говор“, рече Секуловски.
Според него, во Македонија лажните вести во изминатиот период беа креирани од лажни експерти, лажни организации, лажни анкети, лажни протести се со цел креирање на искривена слика за реалноста во општеството и дефокусирање од вистинските проблеми.