Презентиран извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2021 година: Состојбата на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и спроведувањето на постојното национално законодавство поврзано со медиумите во земјава е „Три чекори напред – два чекори назад“

Презентиран извештајот за степенот  на слобода на медиумите  и безбедноста на новинарите во 2021 година:  Состојбата на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и спроведувањето на постојното национално законодавство поврзано со медиумите во земјава е „Три чекори напред – два чекори назад“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија за 2021 година, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

Здруженијата на новинарите од земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите. Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија). Секоја година, проценката на состојбата се врши врз основа на стандардизирани методи за собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан. Методологијата на истражувањето е составена од три групи индикатори развиени врз основа на систематска анализа на различни упатства произведени од релевантни меѓународни организации.

Во контекст на правната заштита 2021 година во извештајот се наведува дека беше направен позитивен чекор бидејќи беа изработени измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Кривичниот законик. Беа прифатени речиси сите забелешки на ЗНМ за намалување на висината на надоместокот за нематеријална штета при утврдена вина на новинар и дополнување на деловите за исклучување од одговорност за клевета и навреда.

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, иницирани од ЗНМ и новинарскиот синдикат, беа инкорпорирани барањата за системска заштита на новинарите и медиумските работници, со тоа што нападот врз новинар и медиумски работник ќе се третира како напад кон службено лице, што значи дека ОЈО ќе постапува по службена должност, а казните кон напаѓачите ќе бидат зголемени. Општа оценка е дека во 2021 година, социо-економската положба на новинарите беше дополнително влошена поради пандемијата, односно поради намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор.

Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работнички права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и политичарите. Во 2021 година, бројот на напади кон новинарите беше намален. Но, иако бројот на вербални и физички закани се намалува, загрижува фактот што новинарите и медиумските професионалци се сè почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи, од кои дел беа сериозни закани по физичката безбедност на новинарите што работат на истражувања на корупција и други негативни општествени појави.

Важно е да се одбележи дека во декември 2021 година беше донесена судска пресуда во корист на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за онлајн-закана кон сите новинари напишана на фејсбук-страницата на ЗНМ. Ова е прв пример обвинителството и судот да истражат и да санкционираат сериозна онлајн-закана изречена кон новинари.

Но и покрај намалувањето на бројот на напади кон новинарите и медиумските работници, неказнивоста сè уште е голем проблем, бидејќи надлежните институции не соработуваат доволно и ретко кога покренуваат обвинителни акти кон сторителите на закани или напади, а во случаите кога се покренати истраги, се водат бавно и неефикасно. Особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции.  Покрај тоа, надлежните институции и судовите сè уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци. Сепак, позитивно е што надлежните институции се отворени за соработка со ЗНМ и низ заедничките консултации покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.

Во 2021 година, бројот на напади кон новинари е намален. Само за споредба во 2020 година ЗНМ регистрираше 14 напади, а во изминатата година ЗНМ регистрираше пет. Сепак, иако бројот на вербални и физички закани се намалува, фактот што новинарите и медиумските професионалци се повеќе се предмет на закани и малтретирање на социјалните мрежи, од кои некои беа сериозни закани за физичката безбедност на новинарите кои работат на корупција и други негативни социјални феномени.

Oваа заедничка платформа Safejournalists.net, претставува одличен пример за заеднички напори и работа на земјите од Западен Балкан. Ваков сличен пример на соработка досега не е забележан во овој регион каде што на едно место новинарските здруженија од Западен Балкан можат да ги следат промените во нивните земји; законодавството и практиката и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалната средина во која работат новинарите и медиумите.

Важно е да се напомене дека секоја година, проценката на ситуацијата се спроведува врз основа на стандардизирани методи на собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалната и во онлајн медиумската средина во Западен Балкан. Сепак, покрај ваквиот извештај за безбедносните индикатори, оваа платформа минатата година спроведе систематско истражување преку прецизно дефинирана методологија и разви Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан и исто така и оваа година веќе е во финални подготовки и новиот Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан за 2021 година.

Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.

Годишниот извештај можете да го погледнете на следниот линк