Претставен Индексот за безбедност на новинарите за 2023 година на Годишното собрание на Европската федерација на новинари

Претставен Индексот за безбедност на новинарите за 2023 година на Годишното собрание на Европската федерација на новинари

Во рамките на Годишното собрание на Европската федерација на новинари (ЕФН) што оваа година се одржа во Приштина на панел дискусијата од страна на истражувачите од седум земји беше претставен индексот за степенот на безбедноста на новинарите од Западен Балкан за изминатата 2023 година.

Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Милан Спировски, во улога на постар проектен истражувач, имаше свое излагање каде ги претстави индикаторите и тековните трендови од индексот во контекст на безбедноста на новинарите во Северна Македонија. Тој пред стотина делегати од над 40 земји од Европа истакна:

,,Изминатата година бројот на случаи против новинари и медиуми во Северна Македонија е намален но општата политика на неказнивост продолжува посебно во делот на старите случаи каде се повредени правата на новинарите. Недостигот на политичка волја за избор на нови членови на Програмскиот совет на МРТВ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како и стагнацијата во контекст на формирањето на независен фонд за плурализам на медиумски содржини се особено загрижувачки. Посебно загрижува фактот за враќањето на државното рекламирање во приватните медиуми, како и растечкиот тренд на користење стратешки тужби против учеството на јавноста, SLAPP тужбите за замолчување на новинарите и медиумските работници во земјава.“

На панел дискусијата насловена ,,Борбата со SLAPP тужбите” свое излагање имаше и извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски кој потенцираше дека борбата и решавањето на SLAPP тужбите бара повеќе секторски и поширок пристап кој вклучува кампањи за подигање на свеста, правни реформи, пошироко разбирање на SLAPP тужбите и силна соработка помеѓу медиумите, граѓанското општество и меѓународните партнери. Преземајќи ги овие чекори, можеме подобро да ја заштитиме слободата на говорот и да се погрижиме оние што ја зборуваат вистината на власта да не бидат замолчени.

Од страна на претседателката на ЕФН Маја Север беше споделено дека од почетокот на војната во Газа, најмалку 109 новинари и медиумски работници се убиени, неколку се повредени, а други се водат како исчезнати. „Зад бројот на сите убиени новинари стојат животи, семејства. Важно е да ја изразиме нашата солидарност и да ги здружиме силите“, истакна Маја Север.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е полноправен  член на Европската Федерација на новинари ЕФН која е најголемата членска организација во Европа која застапува над 320.000 новинари од 44 земји од 70 новинарски здруженија и синдикати.