Промовиран прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите

Промовиран прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите

СКОПЈЕ, 01.10.2019 – Здружението на новинарите на Македонија денеска ја претстави својата најнова публикација со наслов: „Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите“. Публикацијата беше изготвена со цел да се прикажат пречките, предизвиците, но и можностите кои ги создава професијата снимател кога станува збор за медиумското известување, како и да се подигне нивото на разбирање и свесност за околностите во кои се извршува оваа професија.

На промоцијата се обратија авторите на публикацијата Марина Тунева и Маријана Марушиќ Кос, како и Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски. Според Секуловски, изработката на овој прирачник дошла како барање и потреба на секцијата на снимателите при ЗНМ. Тој воедно се заблагодари и за придонесот на членовите на секцијата Трајче Илиевски и Славе Стојановски кои несебично помогнаа во подготовката на оваа публикација.

Авторката Марина Тунева во своето обраќање рече дека снимателите се секогаш најдобрите извори на настанот на кој присуствуваат, и дека неретко се наоѓаат и во незавидна положба, соочувајќи се со различни потешкотии и ограничувања. „Во фокусот на овој Прирачник е работата на снимателите од аспект на универзално прифатените етички принципи за коректно, непристрасно и објективно работење, а се прави и осврт на националната законска рамка и одредбите што директно ја засегаат оваа професија“, истакна Тунева

Од друга страна, авторката Маријана Марушиќ Кос порача дека медиумите имаат тешка задача да проценат дали информирањето за одреден настан е од јавен интерес и да обезбедат рамнотежа меѓу правото јавноста да биде информирана и правото на приватност на поединците. „Оваа рамнотежа тешко се постигнува со директна примена на конкретна законска норма, а за да се постигне истата, потребно е богато искуство и знаење и добра проценка од страна на новинарите и снимателите, во секој поединечен случај„ истакна Марушиќ.

Овој прирачник беше изготвен во рамки на проектот: „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.