Регионален настан на ЗНМ: ,,Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите”

Регионален настан на ЗНМ: ,,Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите”

Како дел од активностите на секцијата на сниматели при ЗНМ, викендов се реализира тродневна работилница во Охрид на тема: ,,Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите” на која посебен придонес даде Виктор Стефановски – извршен продуцент во ТВ Сител, Предраг Перовиќ – снимател од Јавниот сервис на Црна Гора (РТЦГ), Горан Копривица – снимател од Радио телевизија Србија (РТС) а модератор на настанот беше Трајче Илиевски, претставник на секцијата на сниматели при ЗНМ.

Во своето обраќање пред учесниците, Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски изјави: ,,Oд исклучителна важност на секциите при ЗНМ се ваквите настани и обуки каде преку заедничка дискусија и изложување на проблемите и потенцијалните решенија се подобрува комуникацијата и се унапредуваат вештините на новинарите, снимателите и медиумските работници во иднина. Практиките новинари и сниматели заедно да дебатираат за предизвиците во новинарството ќе помогне кон подигнување на квалитетот на тимската работа, во дух на заедничко разбирање и на крајот, поквалитетен продукт, сторија, репортажа и слично.” – истакна Чадиковски

Претставникот на секцијата на сниматели при ЗНМ, Трајче Илиевски потенцираше дека ваквите настани се од особена важност за секцијата како и придонесуваат за унапредување на соработката, солидарноста меѓу фелата и јакнење на капацитетите на снимателите од една страна и на новинарите од друга страна. Ме радува фактот дека на оваа средба учествуваат триесетина сниматели и новинари од 10 градови од дражавата како и двајца регионални претставници од Србија и Црна Гора. Покрај тоа што разменивме компаративни искуства и предизивици со кои се соочуваме секојдневно, дојдовме до заеднички заклучоци кон што треба да се фокусираме во иднина во интерес на унапредување на еснафот.

На работилницата се дискутираше за основните обврски на новинарите и снимателите меѓусебната соработка на дневна основа на настани на терен и внатре во редакција, нивната комуникација и координација, како и за тоа како ќе изгледаат ТВ прилозите во иднина, теми кои ги отвори за дискусија Виктор Стефановски.

Горан Копривица (Радио Телевизија Србија) и Предраг Перовиќ (Радио Телевизија Црна Гора) гостин предавач говореа за компаративни искуства во односите и комуникацијата помеѓу новинари и сниматели во јавниот сервис во Србија и во Црна Гора.

„Во Србија, како и тука, за време на настани настанува проблемот со кој се соочуваме сите ние,  просторот и условите за работа. Но благодарение на меѓусебната поддршка со колегите, успеваме да ја сработиме работата. Би сакал да наведам еден пример за тоа како се работи во земји како Франција: за време на посета на тогашниот претседател на Франција, Жак Ширак во Белград, нивниот тим дојде со комплетна опрема за емитување почнувајќи од осветлувањето, се со цел нивниот претседател да биде најдобро прикажан, каде и да се наоѓа во светот.“

Морам да го споделам моето задоволство дека ова што вие колеги од Северна Македонија го имате направено со секцијата на сниматели при ЗНМ, како и ваквите настани за взаемната соработка со новинарите, вие сте пионери на Западен Балкан и ви честитам за покажаната иницијатива и солидарност меѓу претставниците на фелата   – потенцираше Копривица од РТС.

Колегата Предраг Перовиќ од јавниот сервис на Црна Гора се согласи со генералната забелешка и рече: „Истото се случува во Црна Гора, се соочуваме со истите предизвици, но успеваме да ги надминеме благодарение на меѓусебната соработка и солидарност.“ Но како и колегата Горан од РТС сметам дека ова вие што го имате направено и го правите како секција на сниматели треба да го пренесеме како искуство кај нас меѓу нашите колеги како одличен пример за взаемна соработка. – изјави Перовиќ.

Во рамките на работилницата имаше практични вежби и дискусија за меѓусебната комуникација, улогата на новинарот и улогата на снимателот, а се зборуваше и за етиката во работата на снимателите и спецификите и деталите од секојдневните предизвици со кои се соочуваат заеднички снимателите и новинарите.

Во отворената дискусија се споделија предностите на професијата, но и предизвиците со кои се соочуваат снимателите како во државава така и во и соседните земји.

Утврдено беше дека соработката помеѓу снимателите и новинарите постои, има голема професионална солидарност, но секогаш има простор за подобрување на кој ќе се работи и во иднина. Оваа работилница наиде на позитивни коментари и критики помеѓу секцијата на сниматели и новинарите, што претставува чекор напред во подобрување на условите за работа во оваа област.