СКОПЈЕ, 21.04.2020 – Денеска беше објавен овогодинешниот индекс на Репортери без граници кој ја мери слободата на медиумите во државите низ светот. Оваа година, Северна Македонија бележи скок од 3 места на оваа листа и сега се наоѓа на 92-то место од вкупно 180 земји во светот.
Во делот за нашата земја се наведува дека: „Треба да се забележат две револуционерни достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари: од една страна, создавањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk) кој има околу 120 члена, креиран од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Оваа иницијатива ја промовира саморегулацијата на медиумите со тоа што ги обврзува да се придржуваат кон Кодексот на новинарите и да ги објавуваат одлуките на СЕММ. Од друга страна, потпишувањето на Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници во дигиталните медиуми од страна на Синдикатот (ССНМ), во соработка со ЗНМ и СЕММ“, се вели во извештајот на Репортери без граници.
Еден од проблемите кои се издвоени во извештајот на Репортери без граници е финансирањето медиумите од страна на општините и покрај забраната за оваа практика. Освен тоа, се критикува и купувањето на простор во медиумите за промовирање на достигнувањата на Владата, нешто што наиде на осуда од Здружението на новинарите на Македонија.
Во извештајот се наведува дека бројот на физички напади врз новинарите и медиумските работници е намален, меѓутоа во пораст е бројот на сајбер-напади, а се дава критика и на застојот во реформирањето на јавниот сервис.
Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството, пред Северна Македонија се: Грција на 65-то, Косово на 70-то и Албанија на 84-то место, додека зад нас се наоѓаат Србија, на 93-то место, Црна Гора на 105-то и Бугарија на 111-то место.