СКОПЈЕ, 14.06.2018 – Нема вистински реформи во медиумската сфера без сериозна реформа на Македонската радиотелевизија. Департизацијата на управните органи и обезбедување на одржлив систем на финанисрање на јавниот сервис се клучни за зајакнување на нејзината независност и професионалност. Ова се дел од заклучоците од дебатата на тема „Предизвици за реформи во Македонската радиотелевизија“ што во Скопје ја организираше Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Институтот за општествени и хуманистички науки.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека власта и опозицијата здружено работат против спроведување на препораките на Европската комисија за реформите во јавниот сервис. „Власта ја напаѓа финансиската независност на МРТ, а опозицијата се обидува да ги задржи своите партиски војници“, рече Селмани и додаде дека со промената на моделот на финансирање на МРТ, кој требало да биде привремено решение, се преполовил буџетот на јавниот сервис.
Селмани смета дека Владата со негативната оценка за работата на МРТ ја нарушила нејзината автономија бидејќи јавниот сервис се уште го третира како јавно претпријатие. „МРТ не е ниту Македонски шуми, ниту Водовод и канзализација“, оцени претседателот на ЗНМ.
Тој тврди дека не е работа на Владата да се занимава со обновување на музичката продукција на МРТ бидејќи во спротивно ризикува да упадне во нејзиниот систем на финансирање. Освен тоа, овој потег потврдил дека 0.7 посто од државниот буџет не се доволни средства за да може јавниот сервис да ја исполни мисијата да ги информира, едуцира и забавува граѓаните.
Селмани го оцени како безсмислено блокирањето во Собрание на измените на Законот за аудио и аудивизуелни медиусмки од опозицијата, која има одлучувачка улога во изборот на новиот состав на Програмксиот совет. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи да го заштити директорот на МРТ, отколку да обезбеди стабилно финансирање на јавниот сервис. „Поднесоа околу 70 амандамни на законот, а ниту еден не предвидува зголемување на обемот на средствата за финансирање на МРТ“, додаде Селмани.
Тој ги повика власта и опозицијата да престанат со политичкото пазарање на сметка на МРТ и заеднички да го изгласаат за АВМУ.
Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистички науки збореше за потребата МРТ да донесе саморегулатрни акти, со кои ќе може да ја зајакне програмската незавиност.
Директорот на МИА, Драган Антоновски, рече дека за реформа на МРТ парите се нужни, но решението не треба да се бара само кај власта, туку и кај волјата на вработените.
„Прва и основна работа што мора да се направи е департизација, а второто е влогот во неа. Но, тука не е само државата, туку пред се вработените и тие кои ќе ги вработуваат“, истакна Антоновски. Според него, решението за МРТ не треба да се чека од надвор, туку треба да се бара одвнатре.
Новинарот Игор Стојанов, ги претстави резултатите од анализата за социо-економската положба на новинарите од Источна Македонија, според кој, за целиот овој регион МРТ има само тројца дописници. Стојанов рече дека за квалитетот во информирањето на јавниот сервис потребна е и развиена дописничка мрежа и дописни центри во сите градови.
Дејан Георгиевски од Центарот за медиуми, рече дека финансирањето на МРТ е клучно за нејзиното зајакнување.
„Дури и два отсто од минатогодишниот буџет се најверојатно премалку пари ако сакаме јавен сервис по меѓународни стандарди и од она што им треба на граѓаните кои, инаку, досега никој и не ги прашал што сакаат. Сегашното решение за финансирањето можеби е стабилно и предвидливо на среден рок, но не и долгорочно, затоа што ни оддалеку нема да биде доволно, рече Георгиевски.
Учесниците на дебатата предложија следната дебата за оваа тема да се организира со вработените на МРТ.