Напредокот во спроведувањето на медиумската саморегулација, медиумските реформи, безбедноста и заштитата на новинарите и медиумските работници беа дел од темите за коишто вчера дискутираа претставници на ЗНМ и СЕММ со Шефот на Делегацијата на ЕУ во државата.
Претставниците на ЗНМ укажаа на задоцнетите реформи во медиумскиот сектор, барајќи поддршка од Делегацијата на ЕУ во Скопје за продолжување на процесите во Собранието на РСМ. ЗНМ потсети на фактот што Кривичниот закон, со кој се обезбедува заштита на медиумските работници, веќе осум месеци е заглавен во собраниска постапка, како и за кризата со неизбор на членови во медиумскиот регулатор и советот на МРТ.
Претставничките на СЕММ укажаа на зголемениот број на претставки за неетичко известување на медиумите и за прекршување на Етичкиот кодекс. Статистиката на СЕММ покажува дека најчесто се нарушува член 1 од Кодексот на новинарите, поврзан со точноста и вистинитоста во информирањето, како и членот 8, којшто е поврзан со сензационалистичкото информирање.
Амбасадорот на ЕУ изрази поддршка за заложбите на двете организации во подобрувањето на состојбите во медиумската сфера, а наскоро следува заеднички настан на којшто подетално ќе се дискутира за овие прашања со новинари и засегнати страни од медиумскиот сектор.