СКОПЈЕ, 17.11.2017 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска заедно со претставници на пет други граѓански организации имаа средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија.
Амбасадорот Гремингер, ги запозна претставниците на граѓанските организации со целите на посетата во Македонија, да види како земјата ја надмина политичката криза и да се запознае со агендата за реформи на Владата, за што ОБСЕ е заинтересирано да ги поддржи тие напори.
На средбата со Гремингер, Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани збореше за безбедноста на новинарите и за процесот на изменување на медиумските закони. „Во Македонија постои јасна тенденција за неказнивост на насилството врз новинарите затоа што ниеден насилник не е изведен пред лицето на правдата“, рече Селмани. Тој изрази разочарување што пред две недели полицијата приведе двајца новинари во полициска станица за наводно снимање на судии на објавувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, а во суштина ги испрашувале за снимање на полицијата пред судската зграда. „Тоа е апсолутно неприфатлива практика“, истакна Селмани и додаде дека полицијата сеуште ги третира новинарите како опасни луѓе на кои не треба да им се верува. Тој се заложи да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на насилството на новинари, за кој ЗНМ е подготвен да соработува со институциите.
Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебата место да го подобри текстот на законот, тој напротив се влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина. „Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани. Тој рече дека наметнувањето на парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите. Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија. Ако Владата однапред знае дека за МТВ треба да се одвојат само 0.7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот, запраша Селмани.