По иницијатива на група на млади новинари од повеќе различни медиуми денеска беше формирана секција на млади новинари при ЗНМ. На состанокот на кој имаше четириесетина учесници се дебатираше кои ќе бидат приоритетите и целите на оваа секција во 2022 година. Вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската фела беа дел од темите за кои се разговараше на форумот.
Целта на формирањето секцијата пред се е да се афирмира новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има се помалку интерес за истата и многу редакции се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари. Освен ова, со секциите се цели кон градење на поголема солидарност во новинарската професија и на дополнително надградување на знаењата како професионалци во секторот. Покрај популаризацијата, секцијата во иднина, преку градење на капацитетите ќе им овозможи на младите новинари да добијат не само можност да слушнат искуства од други медиуми и историски преглед како се менувале работите, но и околу професионалните стандарди и црвените линии во професијата.
На настанот поздравни обраќања имаа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Сашка Цветковска, координатор на иницијатива за формирање на Секција на млади новинари при ЗНМ и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ кој ја претстави целта за формирањето на секцијата на млади новинари.