Закани по живот, физички напади, вербални злоупотреби и навреди преку социјалните мрежи, полека но сигурно стануваат секојдневие на новинарите и медиумските работници ширум државата. Соочувањето со вакви напади не само што претставува сериозен предизвик, туку во голема мера го загрозува и нивниот интегритет и личното достоинство. Културата на неказнивост останува длабоко вкоренета во нашето општество, со оглед на фактот дека од вкупно 14 регистрирани напади кои се случиле во текот на минатата година, само еден завршил со институционална разрешница.
Во најава се измени во Кривичниот законик за поголема заштита на новинарската фела, со кои нападот врз медиумските работници ќе добие ист третман како нападот врз службени лица. Измените се веќе објавени на ЕНЕР, а во собраниска процедура треба да се најдат до крајот на месецов.
Свое искуство за МИА споделија дел од медиумските работници кои при вршење на своите работни задачи, се имаат соочено со физички напади, закани или навреди.
Милка Смилевска, новинарка од Ал Џазира Балканс, во септември минатата година се соочила со напад при следење на протест организиран од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Во момент кога земав изјава од двајца демостранти и во моментов кога почнав да разговарам со еден од демонстрантите, едно момче од позади грб ни се обрати, нè праша дали сте од Ал Џазира, веројатно нè препозна, мојот колега снимател одговори „да“, и во следната секунда осетив како некој ми ја удри раката во која го држев микрофонот и микрофонот ми падна долу на земја, објаснува Смилевска за МИА.
Таа посочи дека поради тоа што се работело за протест и имало премногу луѓе, полицијата не била во можност да го пронајде напаѓачот.
– Но знаете како, новинарска работа, фокусиран си да го проследиш настанот, да обезбедиш информација. И едноставно се откажав од тој прв момент и почнавме да ја работиме работата со снимателот, тој да снима, јас да го следам протестот, но не ме фаќаше место и си реков дај да пробам да го пронајдам напаѓачот, кој после откако ме нападна, откако падна микорофонот, немаше ни храброст да се соочи со мене, додава новинарката.
Сепак, како што појаснува, набрзо го забележала повторно и го снимала со мобилен телефон, при што напаѓачот се почувствувал загрозено.
– Тој се почувствува загрозен, почна да се движи, да бега на некој начин. Најдов полицаец и директно му се обратив, му реков: „Господине полицаец, овој дечко пред малку ме нападна, јас сум новинар на Ал Џазира Балканс“. Веднаш полицаецот реагираше, го задржа со друг полицаец, го упати во полициска станица, вели новинарката.
Смилевска додава дека со напаѓачот е извршен разговор, а и таа самата била повикана во полициска станица да даде изјава. Верува дека напаѓачот добил прекршочна пријава и е изведен пред суд, со што, како што посочува, му е пресудена одредена парична казна.
– Да ви кажам искрено во тој момент лично имав голема сатисфакција што момчето заврши во полициска станица, едноставно да се соочи со законот, со правдата со системот, да сфати дека не може како ќе му текне да напаѓа новинари додека се на задача, тоа е во секој случај е недозволиво, затоа што ние на тие места сме не заради наша желба, туку заради неопходноста, потребата, природата на нашата професија и да се ја завршиме професионално работата која работиме и сме ја избрале, додава Смилевска.
Аслан Вишкo е снимател во Медиумска информативна агенција кој исто така беше цел на напад на протестите, кои се случија годинава против пресудата за случајот „Монструм“, а организирани од семејствата на осудените.
Тој појаснува дека како снимател бил цел на гневот од страна на некои млади луѓе, кои биле во голема еуфорија од протестот.
– Бев цел на напад на тие протести, за жал. Пред излегување имавме брифинг на колегиумот на работа, како би можеле најефикасно да известуваме оттаму, без последици од самите протести. Но, за жал, се случи тоа што се случи, бев цел на напад од некои млади, кои што беа веќе во некоја еуфорија и потпаднаа на тие еуфорични моменти и јас како снимател бев цел на нивниот гнев, додава Вишко.
Тој за МИА посочува дека се има соочено со многу вакви искуства во текот на својата работа, а како што вели, уште поголема е разочараноста и револтот кај снимателите, дека тоа ќе продолжи и во иднина.
– Првата цел на напад е снимателoт, затоа што веројатно некоја психологија игра од другата страна и тој гледа дека има камера и снима нешто, па мора да биде тој кој што ќе биде неутрализиран поради некоја негова замисла. Иако по настанот се јавија здруженијата на новинарите, синдикалните организации, ресорното министерство, вработените, сите ми дадоа, на мене и другите колеги огромна и безрезервна поддршка која што за понатака нè прави многу посилни и непоколебливи, додава Вишко.
Според него, добро е снимателите да имаат одбележје, како на пример елек со прес лого напред или позади, евентуално фосфорни, и капа, со што ќе биде јасно видливо од спротивната страна дека некој си ја работи легално својата работа, дека е пратен да известува, а некој го чека неговото известување.
Мери Јордановска, новинар во А1он, за МИА го објасни случајот во кој се има соочено со навредливи и заканувачки пораки преку социјални мрежи.
Таа вели дека имала волја случајот да се истера до крај, посочувајќи дека уште една нејзина колешка била навредувана од истото лице, па дополнително се зголемила мотивација и кај институциите случајот да добие разрешница.
– Во случајот со Емил Јакимовски, стануваше збор за нешто сосем поинакво со оглед на тоа што бев запознаена дека истото лице е веќе пријавувано за семејно насилство. Затоа имав и многу поголема волја овој случај да се истера до крај. Дополнително на ова, уште една моја колешка пријави дека била навредувана од истото лице. Исто така, откако случајот беше пријавен, истото го сторија вработени, односно директорката на Централниот регистар, а потоа и градоначалник на една општина, со што дополнително ми се зголеми мотивот сето ова да добие разрешница, вели Јордановска за МИА.
Таа додава дека случајот се решил со неверојатна брзина. Најпрвин изреагирал Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа случајот бил пријавен при единицата за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи. Лицето било повикано на распит, а набрзо и приведено, поточно бил спроведен во истражниот затвор во Шутка.
– Судскиот процес течеше многу брзо, Јакимовски беше осуден на затворска казна од 20 месеци за загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и за загрозување на безбедноста по пат на информатички систем. Оваа затворска казна се однесуваше за двете дела и за вербалните закани кон мене и за случајот со семејното насилство кон неговата поранешна сопруга, која што пријавувала долги години дека се соочува со овој проблем. Така што, понатаму не знам како ќе тече, затворската казна набргу истекува, меѓутоа, се надевам дека и по сиот поминат третман и во здравствената установа каде што беше упатен, а и по издржувањето на затворската казна дека ваков случај нема да се повтори, додава Јордановска.
Новинарката Тања Милевска, дописник од Брисел за МИА, беше цел на сексистички напади и смртни закани, ден пред изборниот молк во 2020 година откако на Твитер постави прашање во врска со видео снимено од унгарскиот премиер Орбан за поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред изборите.
– Бидејќи видеото беше снимено на унгарски, јас побарав некој што разбира унгарски да ми преведе дали на унгарски се користи уставното име Северна Македонија во официјална комуникација предизборна или дали го користи зборот Македонија. При што од една девојка која разбира унгарски добив одговор дека го користи името Македонија, по што таа ги повикав Европската народна партија и грчкиот премиер да одговорат дали ова е официјална политика на партијата каде што членуваат и ВМРО-ДПМНЕ и Орбан и партијата на Мицотакис, вели Милевска.
Дополнува дека ова сосема легитимно прашање од нејзина страна, предизвикало бура на реакции и неописливо агресивни закани. Случајот го пријавила до надлежните институции и во Македоннија и во Белгија, при што вели дека нема доверба во македонските институции бидејќи наишла на многу поголема поддршка од белгиската полиција и институции.
– Добив посебен број, директна линија со полицијата 24/7, доколку ми се случи или ми се појави што било сомнително, имам директна линија каде што можам да се јавам и да пријавам. Знам дека се на штрек за мојот случај. Што се однесува до судството, знам дека е назначен истражен судија, кој што го истражува случајот, со тоа што проблемот со интернет е јурисдикцијата, ниту една држава никогаш не е надлежна за ништо бидејќи интернетот е глобален и сите си ја префрлаат топката, раскажува Милевска.
Најголема поддршка, како што вели, добила од Меѓународната организација на новинари и Белгиското здружение на новинари.
Неопходна системска заштита на новинарите и медиумските работници
Токму поради фактот што ова се само дел од многубројните професионални, но и приватни дискридитации, новинарската фела верува дека е време државата конечно да изнајде соодветно решение за овој горлив проблем.
На ист став се и од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), кои во корелација со Синдикатот и Министерството за правда, најавија одредени измени во Кривичниот законик за поголема заштита на медиумските работници.
Драган Секуловски од ЗНМ за МИА информира дека измените се најавени веќе трета година по ред, а целта е да се направи системска заштита на новинарите и медиумските работници.
Според новите измени, во случај на напад на новинар или медиумски работник на јавен простор, сторителот ќе биде гонет од страна на Обвинителството, а казната затвор ќе биде поголема, бидејќи ќе станува збор за напад на лице кое што е во рамки на вршење на својата професија.
Секуловски додава дека ова е шанса декларативните заложби на Владата да станат реалност како резултат од нивната заложба и се надева дека во најбрзо време ќе се спроведат тие измени бидејќи, како што вели, крајно време е да постои системска заштита на новинарите и медиумските работници како преудуслов за нивната професионална работа.
Тој за МИА појаснува дека нашата држава, како членка на Советот на Европа според препораките од 2016 година на Комитетот на министри, има обврска не само да направи добра законска рамка за заштита на новинарите, туку мора на еден начин да ги поттикне и самите институции во случајов Обвинителството, да има посебен дел, посебен оддел за заштита на новинарите и медиумските работници.
Секуловски е дециден – потребно е државата да води сметка кога ќе бидат повредени нивните права, тие да бидат заштитени од страна на надлежните институции.
– Освен извршната власт, многу е битно судската власт да постапува во рамки на европската пракса за човекови права, тука имаме примери каде што сега гледате од 27 април пресудите, кои што се за моите колеги, за нашите членови, навистина се скандалозни и се надеваме дека во наредната постапка кога ќе бидат на Апелација, ќе бидат коригирани овие искуства, затоа што не сакаме за некоја година од сега да се земат негативните искуства од страна на судот и Обвинителството кога имале шанса да донесат правда за новинарите, меѓутоа, истата таа шанса била пропуштена, додава тој.
Секуловски појаснува дека со измените не се бара новинарите да бидат изедначени со службени лица, но бараат ист третман како службени лица, во случај кога ќе бидат нападнати.
Во измените се наведени и заканите на социјалните мрежи. Во иднина во случај на закани по животот на новинарите, на медиумските работници и на членови на нивното семејство преку фејсбук, твитер или други интернет платформи исто така државата, односно Обвинителството и МВР ќе треба да постапува по службена должност, а не да остане новинарот сам да оди по приватна тужба да ги гони овие деликти.
– Можам да кажам дека вербалните напади се посебна категорија која прави проблем во последно време, јас тука имам порака и за нашите колеги новинари, новинарки и медиумски работници. Ако тие чувствуваат дека навистина се загрозени преку одредена комуникација на интернет, мора да ни пријават или на нас или во полиција, бидејќи не е доволно да се напише статус на фејсбук дека го покануваме Обвинителството да постапи, потенцира тој.
Според Секуловски, доколку не се пријави проблемот, истиот не постои. Затоа, потенцира, секој говор со кој што се загрозува безбедноста на новинарите без разлика дали е искажан на улица, на телефон или пак на социјални мрежи, потребно е да биде пријавен до надлежен орган, или до професионално здружение со цел да се утврди постапка и потоа истата да се процесира.
Тој информира дека како Здружение пред неколку дена почнале акција со доделување бесплатно елеци и тврди капи заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје. На тој начин се надеваат дека ќе помогнат на редакциите, меѓутоа и на новинарите кога ќе се најдат во ситуација да покриваат настани од висок ризик, да бидат колку што може побезбедни.
– Во секој случај опремата не е само тоа што може да го реши проблемот, новинарите треба да се свесни дека кога покриваат настани од висок ризик потребно е да се задржуваат на одредени правила со цел да не го загрозуваат своето здравје и својот живот. Не секогаш е препорака да се истакнува прес обележјето, бидејќи во зависност од контекстот понекогаш новинарот треба да биде заштитен или дислоциран од одредена локација, затоа препораката е на такви настани да се делегираат поискусни новинари кои што знаат да постапат во случај на агресија или во случај на настани од висок ризик каде што може да се заштити нивната безбедност и нивниот живот, вели Секуловски.
Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, суштината на овие измени во Кривичниот законик е во тоа да се зајакне заштитата на новинарите, односно да бидат потешко казнети оние кои што ќе ги нападнат додека се на служба како новинари.
Тој во изјава за МИА вели дека зајакнување на кривично правна заштита на новинарите е пред се да се зајакне слободата на медиумите, да се подигне на едно друго ниво заштитата на новинарите при вршењето на нивната професија, и дигнитетот и достоинството на таа професија да биде заштитена на некој начин, а со тоа и слободата на говорот и слободата на медиумите.
Маричиќ информира дека во текстот на Кривичниот законик нападот врз новинар ќе биде третиран како напад врз службено лице. Казната затвор за физички напад но и за вознемирување на новинарите, како што додава, може да биде три години и новинарите се заштитени од секаков вид на напади без разлика дали се вербални, физички или пак преку електронски комуникациски средства, социјалните мрежи и сите начини, телефонски пораки и се она што подразбира комуникација.
Суштинска разлика е и во однос на тоа што Обвинителството за разлика од сега, ќе го гони ова кривично дело по службена должност.
Тоа значи, како што објаснува Маричиќ, дека не мора новинарот да поднесе приватна кривична пријава и тоа да се процесуира како приватна тужба па потоа Обвинителството да се придружи на тоа, доколку смета дека треба, туку само новинарот треба да го пријави тоа во Обвинителството, да го пријави настанот на повреда или напад во Обвинителството, и потоа Обвинителството го презема гонењето на сторителите по службена должност.
– Вербалните напади се израмнуваат исто како и физичките напади и Обвинителството постапува по службена должност. Битно е дека нема да има потреба од досегашните дуплирања на постапките, поголема иницијативност на на новинарите и поголема упорност за да ги гонат сторителите, сега е доволно само да пријават во Обвинителството, и понатаму Обвинителството по службена должност продолжува со гонењето. Секој новинар во рамки на вршење на својата работа ќе биде третиран како службено лице како што се лекарите, полицајците, појаснува за МИА министерот за правда.
Измените во Кривичниот законик треба да се најдат во Собранието до крајот на месецот, а Маричиќ, како што вели, не очекува блокади во законодавниот дом.
– Не очекувам блокади, бидејќи во овој процес правевме широки консултации и со пратеници од опозицијата и со граѓански организации кои што стојат зад овие измени. Би било навистина несоодветно, дури и нецивилизирано да се блокираат овие измени бидејќи се апсолутно во јавен интерес и во интерес и на новинарската професија. Ова се крајно неспорни измени и не би требало да предизвикуваат разлики, дури иако не е потребно дво третинско мнозинство, јас не би се изненадил и не треба да биде поинаку опозицијата да го поддржи овој закон во Собранието, вели Маричиќ.
Новинарите се со позитивни очекувања во однос на овие измени. На ова се надоврза и Смилевска, која вели дека е битно тоа што системот е сензибилен, што реагира на вакви случаи и што се има желба, потреба или акција да се промени законот. Таа е на ставот дека на новинарите треба да се гледа како на една посебна професија, на која и е неопходна помош и заштита од општеството, од системот, од законите.
Смилевска го поздравува фактот што Министерството за правда иницираше измени на Кривичниот законик и што третманот на новинарите и медиумските работници во позиција кога ќе бидат нападнати ќе се третира од страна на правосудниот на еден поостар и построг начин.
– Пред сè, тука мислам на полицијата, на Обвинителството, на судството, да им е јасно дека не е ист нападот на новинар, на медиумски работник, тука мислам и на снимател, на фото репортер, и нападот на некое друго лице, иако секако било каков напад осудувам. Но нападот врз мене е напад и врз слободата на говорот, врз можноста професионално да се известува и во крајна линија тоа е и напад врз медиумот за кој јас работам, додава таа.
Новинарката Тања Милевска изјави дека нема доверба во институциите и сè уште чека на институционална разрешница за својот случај.
– Се плашам дека ова ќе биде уште една форма без содржина, ние во Македонија имаме еден куп одлични закони на хартија. Џабе се сите одлични закони на хартија доколку тие не се применуваат, не се имплементираат и не се променат менталитетите на полицијата, на судиите, и тоа произлегува од политичка волја, вели Милевска.
Јордановска смета дека мерките што се во процедура за измени на Кривичниот закон во голема мера ќе придонесат да се зголеми безбедноста кај новинарите.
– Но, исто така, сметам дека е многу важно, ние, во самата фела, што повеќе да се потрудиме да направиме дистинкција во своите редови, најпрво да видиме кого прво ние нарекуваме новинар. За да не се случи, од една страна, ние да бидеме заштитени како службени лица, а од друга страна сè уште имаме таканаречени новинари кои секојдневно на своите веб-страни навредуваат и буквално осакатуваат луѓе не придржувајќи се ниту на минимум стандардите за новинарско известување, додава Јордановска.
Затоа, како што појаснува, за да бидат комплетно безбедни новинарите како службени лица, треба да бидат безбедни и луѓето за кои што се известува.