СКОПЈЕ 15.06.2017 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија денес се сретнаa со британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет. На средбата претседателот на ЗНМ Насер Селмани и амбасадорот Гарет разговараа за мерките што треба да ги превземе новата влада за да се подобри состојбата со слободата на медиумите.
Селмани рече дека новата власт треба да најде начин да го спречи насилството против новинарите кое ескалираше последните три години. Полицијата, обвинителството и судството мора да ги казнат насилниците и да пратат јасна порака во јавноста дека ваквото однесување нема да го толерираат во иднина. Поразително е што и покрај промената на власта, нападите врз новинарите не престануваат, нагласи Селмани.
Според него, власта мора да престане да троши јавни пари во медиумите бидејќи со тоа создава нездрави одоноси со нив и го нарушува медиумскиот пазар.
Беше констатирана и потребата за реформа во Македонската радио телевизија, која треба да биде сервис на граѓаните, а не средство за пропагадна во рацете на партиите на власт.
Селмани се заложи и за зголемување на транспарентноста на власта, која во иднина треба да организира постојани брифинзи за новинари, каде тие ќе имаат можност да добијат информации за работата на институциите.
„Поголема транспарентност значи помалку шпекулации во медиумите“, рече тој и го посочи примерот на Германија, каде еднаш неделно портпаролите на сите министерства имаат заедничка прес конференција, во која тие одговарат на прашањата на новинарите.
Беше поздравено подобрувањето на судската пракса во однос на тужбите за клевета против новинари, но беше истакнато дека има потреба да се работи за подобрување на комуникацијата и соработката на новинарите и судиите.
Претставниците на ЗНМ и амбасадорот Гарет се сложија дека треба да се искористи моментот за да се спроведат вистински реформи во медиумите со цел гарантирање на слободата на говорот и подобрување на квалитетот на новинарството.