СКОПЈЕ 07.07.2017 – Претставници на Здружението на новинари на Македонија учествуваат на обуката за застапување за слобода на изразување, која се организира во Подгорица, во рамките на регионалната платформа за безбедност на новинарите од западен Балкан, која се финансира од Европската комисија.
Освен претставници на ЗНМ во обуката учествуваат и претставници на новинарските здруженија од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Претставниците на овие новинарските организации вчера во Подгорица имаа заедничка прес конференција, на која зборуваше и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Селмани рече дека Македонија во изминатиот период беше црна дупка во регионот по однос на непочитување на слободата на говорот. Тој објасни дека минатата Влада успеала да изгради перфектен систем на контрола и инструментализација на медиумите. „Основен инструмент на контрола беше корумпирањето на медиумите со јавни пари со цел да се придобие нивната наклонетост, а новинарите кои одбија да се корумпираат станаа легитимна мета на физички и вербални напади“ рече Селмани.
Според него, Македонија е единствена земја во Европа каде има новинар во затвор. „Божиновски веќе три години е во притвор, а сеуште не е завршен судскиот процес. Тој е обвинет за наводна шпионажа и криминално здружување. Целта на секоја власт која користи насилство врз новинарите е да спречи критицизам во медиумите “ рече Селмани.
Тој објасни дека најдобра илустрација за односот на претходната власт кон новинарите се случувањата во Собранието на 27 април, кога приврзаниците на Груевски влегоа во Собрание со намера да ја дестабилизираат земјата и да предизвикаат граѓанска војна. „Сигурно видовте како поддржувачите на Груевски ги напаѓаат пратениците, но она што сигурно не сте го виделе е дека тој ден во Собранието беа нападнати и многу новинари. За тие 3-4 часа тие практично беа киднапирани, а полицијата не успеа да ги заштити. За цело време новинарите беа физички нападнати, им биле упатени вербални закани и навреди, а на еден дел им била одземена и опремата за да не можат да известуваат од настанот“, рече Селмани.
Претседателот на ЗНМ нагласи дека новата влада има политичка волја да направи сериозни реформи во медиумите, но додаде дека очекува од премиерот и министерот за полиција јавно да го осудат насилството против новинари и да се заложат за казнување на насилниците.
„Добар знак е дека владата вчера усвои стратегија за итни реформи, која ги содржи клучните барања на ЗНМ и на медиумската заедница“, рече Селмани.
„Регионалната платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и за заштита на новинарите“ ја сочинуваат шест независни новинарски здруженија од западен Балкан меѓу кои Здружението на новинарите на Македонија заедно со партнерските организации од БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија, а финансиски е поддржана од Европската Унија.