Јавноста и медиумите се уште имаат потешкотии при следењето на кривичните постапки

Јавноста и медиумите се уште имаат потешкотии при следењето на кривичните постапки

СКОПЈЕ, 27.12.2017 – Судовите потфрлуваат во транспарентноста кон јавноста, а новинарите кои известуваат за судските постапки се соочуваат со повеќе проблеми во својата работа – ова е заклучокот од денешната дебата „Јавноста во кривичните постапки“. Настанот го организираше веб порталот „Сведок“ во соработка со ЗНМ.

Во изминатите години има низа примери кои сведочат за попреченоста на новинарите слободно да известуваат за судските постапки. Дополнителен апсурд се и примерите кога некои судии го спорат правото на новинарите од онлајн медиумите да бидат присутни на судските рочишта, иако тие не се ништо поразлични од новинарите во традиционалните медиуми – истакна на денешната дебата Драган Секуловски од ЗНМ.

Според него, Кривичниот суд го злоупотребува правото да одлучи од оправдани причини дел од рочиштата да не се снимаат.

Новинарот, Саше Димовски забележа на тоа што судската архива не е достапна за новинарите, но и за тоа што скопските судови не ги ажурираат податоците на нивните веб страници, за разлика од судовите од внатрешноста на земјава.

„Видете ја фрапантната разлика меѓу скопските судови, кои во текот на денот веројатно носат по 500 одлуки. Во периодот јануари-март 2017 година Основниот суд Скопје 1 на својот сајт објавил 33 одлуки, Основниот суд Скопје 2 – 23 одлуки, а за разлика од нив Основниот суд во Битола 456, Судот во Штип 180 предмети, додека Основниот суд во Струмица 365 одлуки“, рече Димовски.

Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Добринка Борисовска Господинова вели дека во Македонија постои тренд на обратна пропроционалност и колку се судењата поинтересни за јавноста, толку е помала нивната транспарентност:

„Ако во 2015 година јавноста била исклучена од пет проценти од мониторираните постапки, во 2016 тоа да биде 20 отсто, за веќе 2017 година да биде 30 проценти“.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци пак, информираа дека во тек е прекршочна постапка против повеќе новинари кои објавиле фотографија од осудено лице, но без негова согласност. Од Дирекцијата оценуваат дека бидејќи станува збор за правосилна пресуда, истата е доволна за јавноста да биде информирана и немало потреба да биде објавена фотографија од осуденото лице.