Секуловски: Напад на новинар е напад врз демократијата на една земја

Секуловски: Напад на новинар е напад врз демократијата на една земја

СКОПЈЕ, 19.03.2018 – Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, нa тркалезната маса на тема: „Има ли слобода во Македонија“, зборуваше за насилствата и нападите врз новинарите.

„Ова е тема којашто ЗНМ ја третира со особен интерес и за жал во Македонија сè уште постои регистар на над 55 напади на новинари, од коишто само лани се случија 18. Од тие 55, ако се поделат во категории најголем дел се физички напади на новинари, потоа уништување на нивниот имот, вербални закани, закани по животот на новинарите и по членови на нивните семејства, како и груби навреди изнесени од страна на јавни личности“, истакна Секуловски.

Тој потенцираше дека ЗНМ интензивно се обидува да ја подигне свеста пред се кај граѓаните дека напад на новинар во основа значи напад врз демократијата на една земја.

„Кај нас во Македонија, за жал, од тие 55 случаи коишто ги имаме регистирано, а се однесуваат на последните четири години сè уште нема финална судска разрешница“, рече Секуловски. Тој потоа направи паралела со Хрватска каде неодамна беше изречена затворска казна за напад врз новинар.

Тркалезната маса ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода како завршен настан на кој беа презентирани наодите и препораките произлезени од петмесечниот проект „Од разбирање до одбрана“.


Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.