Слобода на стаклени нозе

Слобода на стаклени нозе

СКОПЈЕ, 07.05.2018 – Медиумите во Македонија сѐ уште се на прагот на корупцијата, криминалот, манипулациите и закани, политичка пропаганда и насилство врз новинарите.

И покрај општествено-политичките превирања, падот на еден долготраен режим на кој медиумите беа најголемите слуги, промените одат бавно.

По 27 април, насилничкиот упад во Собранието на Република Македонија и насилството во кое освен парламентарците настрадаа и новинарите, уште траат судските процеси за физичкото насилство на повеќе од 10 повредени новинари.

На денот кога медиумите ја одбележуваат својата борба за слобода, заклучокот е дека неказнивоста на делата поврзани со напад на новинарите укажува на една исилена и фиктивна демократија.

Притисоците, уцените, говорот на омраза прикриено уште фигурираат во медиумскиот простор, а нивното долго владеење тешко се искоренува за една година.

И покрај напорите на новата власт, критичкото новинарство уште не знае што да критикува и како да критикува. Професионализмот, објективноста и одговорноста се сведени на гол опстанок и чистка во едни медиуми, наспроти никнување на нови медиуми.

На тркалезната маса „Има ли слобода во Македонија“ во организација на ЦИВИЛ, Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, покажа на суровата медиумска реалност во Македонија и регистар со над 55 напади на новинари. Само минатата година 18 новинари биле жртви на насилни напади во кои не само што им била оштетена опремата, туку им бил загрозен нивниот и животот на нивните семејства.

„Кај нас во Македонија, за жал, од тие 55 случаи коишто ги имаме регистрирано, а се однесуваат на последните четири години сè уште нема финална судска разрешница“, рече Секуловски.

Иако проектот „Од разбирање до одбрана“ на ЦИВИЛ, посветен на слобода на медиумите и слободата на изразување покажа дека постојат индикатори на ослободување на медиумите преку саморегулација и финансиска независност, наодите и препораките и на ЗНМ и на ЦИВИЛ укажуваат дека изостанува одговорност, казнивост и правни последици за оштетениот медиумски простор.

„Напад на новинар е напад на демократијата во една земја“, истакна Секуловски, а демократијата во Македонија сѐ уште чекори на стаклени нозе.

Насилството и неказнивоста на медиумските работници и новинари е борба што допрва треба да се извојува. Потребата од поддршка од граѓанските организации, но и заложбата на релевантни институции во поддршка на телата за медиумска саморегулација и нивната независност ќе помогнат во деполитизација, професионализација и независно работење на медиумите. Но, исто така, постои надеж дека оваа релација медиуми – граѓанско општество – институции ќе успее да придонесе во унапредување на медиумските слободи и слободата на изразување.