ЗНМ: Власта да ги разреши партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на МРТ

ЗНМ: Власта да ги разреши партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на МРТ

СКОПЈЕ, 02.07.2018 – Здружението на новинарите на Македонија ја истакна својата загриженост што опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку фиктивна амандманска расправа во собраниската комисија за транспорт и врски, го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предложениот закон доби широка поддршка од новинарската заедница и помина меѓународна експертиза од ОБСЕ и Советот на Европа. Тој е клучен за почнување на медиумските реформи во Македонија, кои треба да го подобрат квалитетот на новинарството.

Овој закон го укинува коруптивниот систем за субвенционирање на домашна продукција во националните приватни телевизии, нуди нов модел за избор на управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми, кој е поотпорен на политички влијанија, а со него драстично се намалуваат и казните за медиумите.

Единствениот недостаток на овој закон е што не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на МРТ и Агенцијата за медиуми, што е услов за нивната независност и професионалност. Чудно е што од околу 80 амандмани поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не се однесува на овој клучен недостаток на законот.

Ова покажува дека главна преокупација на пратениците на опозицијата не е судбината на МРТ, туку, како преку одолговлекување на расправата да ги заштити нивните партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми.

Несфатливо е зошто ВМРО-ДПМНЕ се противи на изборот на нов состав на програмски совет на МРТ и на Советот на Агенцијата кога од нивниот глас зависи кој ќе биде избран.

ЗНМ јавно ја повика, претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуровска идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат лажната дебата и да дозволат Собранието да ги изгласа измените.

Во спротивно, парламентарно мнозинство,  треба да ја преземе одговорноста и да ги деблокира реформите во медиумите. Ако опозицијата продолжува да се однесува неконструктивно, бараме Комисијата за прашањата за избори и именувања да утврди престанок на мандатот на тројца членови на Програмски совет на МРТ и на еден член во Советот на Агенцијата за медиуми затоа што при нивниот избор не е почитувана законската процедура. Комисијата, треба да започне постапка за пополнување на испразнетите места во Советите, согласно одредбите на постојниот закон за АВМУ.

Ако парламентарното мнозинство не постапи на овој начин, ќе се доведе во прашање нивната искрена посветеност за усвојување на измените на законот за АВМУ и за спроведување на медиумски реформи.