Осуда за повторните закани и омаловажување на Тозија од Агенција за филм

Осуда за повторните закани и омаловажување на Тозија од Агенција за филм

Скопје, 30.09.2020 –

Здружението на новинари на Македонија повторно алармира за непримерниот однос на директорот на Агенција за филм Горјан Тозија кон новинари.

Колешката Сунчица Уневска Гвозденович која долги години не само што промовира професионално новинарство туку е и почитувана како филмски критичар, неодамна пријави во ЗНМ дека била предмет на закани и омаловажување од страна на директорот Тозија. Тој на нејзиниот профил на социјална мрежа и се заканил дека ќе ја тужи за клевета, а потоа и упатил лични дискредитации и навреди поврзани со работата на колешката Уневска.

Смешна си ти со своето незнаење и злоба, да беше во друга држава немаше да ти дозволат да напишеш реченица, ама простотата и злобата ќе се потрудам да ја правдаш пред суд… срам да ти е, излезе долна, злобна, лажливка која одработува од инает и незнаење… за жал немаш веќе време, ќе си останеш така запаметена, штета што некој ти дал право на јавен збор и простор да го злоупотребуваш.” се вели во пораката до Уневска од профилот на директорот Тозија.

Освен погрдните зборови во пораките упатени кон Уневска, Тозија во својата порака нечовечки алудира на личните, сериозни здравствени проблеми кои ги има колешката Уневска. Ова е скандалозен и низок начин на комуникација од одговорно лице на јавна установа кон новинар. ЗНМ ќе ја извести и Владата на РС Македонија за овој инцидент и ќе побара од надлежните Тозија да сноси политичка одговорност за овој однос со кој се нарушува и угледот на Агенцијата за филм, која тој ја застапува.

Минатата недела добивме и пријава од колегите од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК дека Тозија се заканува преку адвокатска канцеларија за три тужби за клевета за претходни текстови на овој медиум поврзани со работата на Агенцијата. Потсетуваме дека лице кое има јавна функција треба да има поголем капацитет за критика, а кога се заканува со тужби кон новинарите тоа се смета како притисок и придонесува за зголемување на самоцензурата.