ЗНМ Работилница: Како до поефикасна заштита на авторското право во медиумската заедница

ЗНМ Работилница: Како до поефикасна заштита на авторското право во медиумската заедница

Подобрување на законските рамки, механизмите за спроведување, новите трендови и технолошките достигнувања кои влијаат на заштитата на авторското право во македонската медиумска индустрија беа теми за разговор на денешната работилница организирана на иницијатива на Секцијата на фоторепортери при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Настанот имаше цел да ги собере професионалците, експертите и сите засегнати страни од медиумската индустрија за да разговараат и да ги истражат критичните прашања околу заштитата на авторските права во контекст на македонските медиуми.

На работилницата пред повеќе од 20 присутни медиумски работници и фоторепотери обраќања имаа истакнати говорници и експерти кои дадоа свој придонес со вредни сознанија и ги споделија своите искуства. Свои обраќања имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кој ги поздрави присутните и истакна дека ,,ова е особено важна тема за денешницава и ние како еснафско здружение сакаме да дадеме придонес заеднички со вас фоторепортерите како во иднина да ги решиме овие секојдневни предизвици со кои се соочувате”.

Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски пред присутните ги потенцираше средбите кои ги остварија претставниците на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ со важните институции во земјава во контекст на унапредување на праксата со неказнивоста на нелегалното преземање на фотографии од страна на медиуми. Исто така беше споделено и за средбата со претставниците од секторот за комуникации на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија на која се дискутираше за проблемите со кои се сочуваат фоторепортерите при покривање на настан од јавен интерес. Посочување на контакт лице кое ќе биде одговорно за секој јавен настан со кое медиумските работници ќе можат да сугерираат идеи и комуницираат е од особено значење, како и имплементирање на водениот жиг на владините фотографии и видеа со цел да се заштити авторското право на фоторепортерите но и да биде свесна публиката кога станува збор за владин материјал.

Петр Стојановски како претставник на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ имаше свое обраќање за праксата од странски агенции во делот на заштита на авторското право како и предизвиците во домашен контекст. Тој посочи дека во овој момент фоторепортерите се соочуваат со огромен проблем на дефицит на професионалци во секторот како и незаинтересираност на младите за професијата. Исто така секцијата е отворена за соработка и стојат на располагањe за нови членови кои сакаат да се вклучат.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми се осврна на хрватските искуства со авторското право во онлајн доменот и се осврна на добрата компаративна пракса како и недостатоците кои сеуште постојат во земјава. Исто така Георгиевски посочи дека мора организирано и доследно да се бараат заштита на правата како и по природата на темата мора решението да дојде низ судска пракса која ќе доведе до општ договор.

Во контекст на правната и судската пракса во Македонија пред присутните се обрати адвокатот Иван Брешковски кој истакна ,,од особена важност е фоторепортерите да внимаваат какви договори за хонорари и договори за вработување потпишуваат со своите работодавачи односно да внимаваат во кој обем им ги пренесуваат материјалните права за фотографиите кои ги произведуваат во текот на својата работа“.

За искуството на МИА во делот на дистрибуција на фотографии свое излагање имаше директорот Драган Антоновски, кој пред присутните истакна дека ,,ова е одлична иницијатива на ЗНМ и Секцијата на фоторепортери.  Во МИА има правила кога станува збор за оваа тема, но има и различни толкувања на правилата. Потребно е да се тргне во една кампања, бидејќи тие што ги прекршуваат авторските права, гледам дека денеска не се присутни, а тоа се уредниците. Потребно е сето ова да допре до нив, односно да се најде соодветен  модел за тоа и да се потсетат на правилата на игра. Искуството на МИА , поточно праксата е во нашите договори со корисниците строго е наведено фотографиите можат да се користат.”

За законските специфики на авторското право во македонски контекст како претставник од надлежното министерство свое излагање имаше Ацо Стефаноски, Раководител на одделението за авторско право и сродните права во Министерството за култура кој посочи дека според постоечките законски регулативи, доколку има повреда од материјална природа и обвинителството мора да покрене кривична постапка бидејќи неовластеното преземање на фотографии има највисоки стандарди во светот и претставува кривично дело.

За време на работилницата, се опфатија различни аспекти, вклучувајќи ги законските рамки, механизмите за спроведување, новите трендови и технолошките достигнувања кои влијаат на заштитата на авторските права во македонската медиумска индустрија.

*Настанот е организиран во рамките на проектот „Зајакнување на слободата на медиумите во Северна Македонија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од страна на холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите и  мислењата на учесниците на настанот нужно не ги претставуваат ставовите на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер.

фото: Киро Попов