Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изминатите два дена организираше обука на тема: „Унапредување на соработката и безбедноста на новинарите и медиумските работници“. Оваа работилница беше организирана на иницијатива на Регионалниот центар од Тетово и присуствуваа новинари и сниматели кои работат на терен од медиуми од полошкиот регион, сниматели од Управниот одбор на ЗНМ како и претставници на Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи.
Целта на работилницата беше да се опфатат секојдневните предизвици со кои новинарите и медиумските работници се соочуваат во рамките на нивната работа, но се разговараше и за начините како да се подобри комуникацијата и соработката со релевантните институции во државата посебно со обвинителството и полицијата.
На почетокот на настанот се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој стави акцент на безбедноста на новинарите преку подобрена соработка со институциите:
„Активности од ваков карактер се секогаш добредојдени бидејќи на овој начин работиме во насока на подобрување на соработката, со единствена цел – јавниот интерес. Ме радува фактот што досега веќе имаме воспоставено добра подлога за унапредување на овој процес, но секогаш може да се направи многу повеќе преку ваков вид на средби, преку отворени дискусии бидејќи само на тој начин можеме да ги идентификуваме проблемите и што е уште поважно да најдеме решение“.
На темата се обрати и потпретседателот на ЗНМ, Сенат Зулбеари кој кажа: „Целта на нашите заложби е преку заеднички работилници да го подигнеме ниво на свест кај институциите и кај колегите новинари за тоа како треба да се соработува. Ние во полошкиот регион имаме најголем проблем со судот, претходно имавме и со полицијата, но после средбата со МВР, имаме позитивно придвижување на работите во таа насока, односно се чувствува дека соработката е подобрена. Се надевам дека после оваа средба ќе има подобрување.“
Драган Секуловски се задржа на активностите поврзани со безбедноста на новинарите, на дел од реализирани активности на ЗНМ досега: протоколи за безбедност на медиумски работници со надлежни институции, придонес во измените на кривичниот закон што создава системска заштита на медиумските работници во професионално вршење на нивните задачи, повеќе обуки и објавени прирачници на темата поврзана со безбедноста, како и бесплатната правна помош и следење на судски случаи во кои се гонат новинари. „Иако Македонија е на 38-то место од 190 во светот на индексот за слобода на медиумите, сепак има зголемен тренд на напади кон новинари како и дупло повеќе тужби споредбено со минатата година и ова не смее како проблем да се игнорира“, истакна Секуловски.
Бесир Алиу, обвинителот од Тетово зборуваше за можните начини за заштита на слободата на изразување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарите: „Од голема важност е денеска да размениме мислења и искуства бидејќи сите работиме за иста цел, а тоа е добросостојбата на граѓаните, односно јавноста пред која одговараме сите. Навистина е важно да се заштити слободата на изразување и токму затоа ние како лица кои го спроведуваат законот имаме одговорност да ве заштитиме вас новинарите. Но, би сакал да истакнам дека кога има случај на напад на новинар, важно е да се направи разлика помеѓу закана и загрозување на безбедноста за да може да се процесира како што треба. Ние како обвинителство работиме со докази кои се од големо значење за да се креира случај. Во Тетово досега сме имале неколку случаи на загрозување на безбедноста на новинари и тие се процесирани. Верувам дека денешната дискусија ќе придонесе за поголемо разбирање на двете страни во иднина“ .
Пред присутните се обрати и Амир Далипи, началникот на СВР Тетово кој зборуваше за подобрување на комуникацијата помеѓу полицијата и новинарите и медиумските работници во насока на унапредување на безбедноста:
„Со моето назначување воспоставив комуникација со медиумите од овој регион која до денес опстојува бидејќи сметам дека е од големо значење. На тема безбедност на новинари, лани имавме еден случај кога ваш колега беше нападнат со секира. Веднаш беше реагирано, напаѓачот приведен и санкциониран. Имаме уште два случаи на физички напади кои се веќе процесирани. За жал, имаме и примери на непрофесионално однесување на новинари кои покажале непочитување. Ние не велиме дека не треба да си ја вршите работата, велиме дека треба да се почитува и нашата работа, односно да се почека да заврши официјалниот увид, а потоа да се направат снимки и да се земат изјави“.
За време на дводневната работилница свое излагање имаат координаторите на Секцијата на сниматели, Зоран Догов и Ведут Османи, зборувајќи на за тоа кои се основните обврски на новинарите и снимателите и како да се унапреди меѓусебната соработка за да се добие очекуваниот краен медиумски производ. Урим Хасипи, координаторот на ЗНМ за полошкиот регион, се задржа на секојдневните предизвици со кои се соочуваат новинарите и предлози за нивно надминување. „Можеби ви е чудно, но ние се соочуваме и со партиска дискриминација, имаме примери каде раководители на јавни институции фаворизираат одредени новинари и медиуми и им даваат информации, а на други новинари кои не ги сметаат за блиски не ги информираат за прашања од јавен интерес“, истакна колегата Хасипи.
За време на работилницата имаше дискусија помеѓу претставниците на сите присутни страни од каде што се извлекоа корисни заклучоци кои ќе придонесат во подобрување на соработката помеѓу новинарите, медиумските работници, МВР и Јавното обвинителство. Беше констатирано дека во наредна прилика корисно ќе биде да има и претставници на судската власт бидејќи судиите имаат важна улога во надминување на политиката на неказнивост во случаи во кои правата на медиумските работници им се повредени.
Настанот е во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување”(Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унијапреку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор загрант број VS/2021/0214