Дигиталната безбедност и писменост како предуслов за работата на професионалните новинари, поголема заштита на жените новинарки во онлајн просторот, конструктивно користење на апликации за вештачка интелигенција во новинарската работа но и презентации од искусни истражувачки новинари, беа дел од темите на летниот камп за млади новинари кој Здружението на новинари на Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го реализираа од 23ти до 27ми јули во Охрид.
На кампот учествуваа дваесетина млади новинари и студенти, а целта беше да се подготват младите колеги за професијата која ја одбрале, како да се чувствуваат безбедни при вршење на својата работа, унапредување на нивните капацитети, меѓусебна солидарност и соработка како и подигање на нивото на новинарскиот интегритет во создавањето на квалитетни новинарски содржини.
На отворањето, Билјана Настеска – Каланоска даде генерален контекст за работата на ЗНМ, за тоа што работи Здружението во рамките на безбедноста на новинарите и медиумските работници, за напредокот кој го има на ова поле, за Секцијата на млади новинари која официјално почна да функционира од 2021 година и брои над 100 членови, како и за соработката со МВР и ОЈО.
Вјоса Исмаили од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје се задржа на целта на Летниот кампа, на запознавање на учесниците со активностите за време на петте дена и на соработката со ЗНМ на тема безбедност на новинари за време на професионално вршење на нивната работа.
Искусни експерти од областа одржаа свои презентации. Борис Ристовски зборуваше за дигиталната безбедност, алатките како да се заштитат новинарите, користење на вештачка интелигенција при работата, алатки за проверување на информации, Роберт Тодоровски зборуваше за најдобрите практики за шифрирање податоци и безбедно складирање, управување со лични информации на социјалните медиуми, сајбер закани и управување со ризици, Сашка Цветковска и Маја Јовановска од ИРЛ споделија свои искуства од пракса во однос на пристапот кон истражувачкото новинарство, како да се одбере соодветна тема и како да се пренесе и раскаже.
Тони Ангеловски, помошник министер при МВР за односи со јавност зборуваше за соработката на новинарите со оваа институција од аспект на физичка и дигитална безбедност, а колегите Владимир Мирчевски и Александар Димитриевски – 360 Степени се задржаа на дигиталната безбедност во рамките редакцијата со примери од пракса.
Од ЗНМ се свое обраќање имаше и Милан Спировски, а од ССНМ се обратија Весна Коловска и Викторија Миткова и се задржаа на важноста на работничките права.
На крајот на кампот, Младен Чадиковски, Претседател на ЗНМ и Сузан Пенкса, Заменик – шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, доделија сертификати за успешно учество на младите новинари во третиот по ред Летен камп.
Оваа активност е продолжение на соработката на ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје кои во претходните години заедно беа активни на теми поврзани со безбедноста на новинарите и градење на капацитетите на ЗНМ.
Фото: ЗНМ