„Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи “, беше темата на третата регионална конференција, која се одржа од 18-20 септември 2024 година во Маврово во која земаа учество повеќе од 90 новинари и претставници на правосудството. Заедничката соработка помеѓу новинарите и судиите, заедно со обвинителите е од суштинско значење за одржување на владеењето на правото во Западен Балкан. За ова да се оствари неопходна е довербата и разбирањето помеѓу двете фели, а овие регионални конференции меѓу другото, имаат за цел ова да го поттикнат.
Меѓу темите кои беа дискутирани беа правните напади и неказнивоста, но и дезинформациите кои силно влијаат врз владеењето на правото и слободата на медиумите во регионот. Еден од панелите беше посветен на SLAPP (Стратешките тужби против јавно учество), каде се дискутираа заканите кон новинарите од овие видови правни напади. Исто така, се дискутираа и разгледуваа законодавните иницијативи за справување со зголемената употреба на SLAPP во Западен Балкан.
„За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори: правни реформи, одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите, кои можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите и гласна јавна осуда и подигнување на свеста за негативното влијание на SLAPP тужбите врз новинарството и демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Што се однесува до нападите врз новинарите, неказнивоста беше препознаена како голема закана. За време на сесијата за справување со неказнивоста кон новинарите, говорниците го дискутираа ефектот од нерешените напади врз новинарите, граѓанските организации и општеството во целина, истакнувајќи дека кога правдата е задоволена, тоа ги обесхрабрува нападите врз новинарите.
Конференцијата вклучи и работилница организирана од Центарот за обука и студии за судството на Холандија, каде судии, обвинители и новинари ја истражуваа меѓусебната улога на медиумите и судството во општеството и дискутираа за можни начини на напредок.
Важен елемент на оваа завршна конференција беше дискусијата за тоа како да се продолжи со поттикнување на правната заштита на новинарите преку промовирање на дијалогот помеѓу судството и новинарите. „Видовме како овие дијалози позитивно влијаеа на разбирањето помеѓу независните медиуми и судството во изминатите четири години. Веруваме дека е неопходно да продолжиме и да го зголемиме нашето влијание со вклучување на повеќе земји како Косово, Албанија и Црна Гора, за да се спротивставиме на зголемените напади врз новинарите во Западен Балкан“, изјави Албана Шала, претставник на Free Press Unlimited за Западен Балкан.
Повеќе информации за нашата иницијатива:
Слободата на медиумите е еден од темелите на развиените демократии, а новинарите се важни чувари кои обезбедуваат владите да одговараат одговорно на потребите на граѓаните. За жал, во медиумскиот сектор во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија не секогаш медиумските работници се безбедни.
Нашата иницијатива „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ комбинира обука, застапување и зајакнување на капацитетите на судството и медиумите за да ја подобри способноста на судскиот сектор да одговори соодветно на заканите со кои се соочуваат новинарите, додека во исто време ги подобрува условите под кои медиумите работат. Холандскиот Хелсиншки комитет и Free Press Unlimited ја признаваат широката разновидност и културна различност во секоја од земјите учеснички, што наметнува потреба од прилагодени пристапи за секоја земја. Во рамки на оваа иницијатива соработуваме и заедно работиме со здруженијата на новинари – Здружение на новинари на Босна и Херцеговина (БХ Новинари), Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ), Независно здружение на новинари на Србија (НУНС) и судските тренинг центри – Центар за судска и обвинителска обука на Федерацијата Босна и Херцеговина (ЦЕСТ БиХ), Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија и Правосудната академија на Република Србија.
Конференцијата беше организирана од Free Press Unlimited и Холандскиот Хелсиншки и Здружението на новинари на Македонија. Амбасадорката на Кралството Холандија во Северна Македонија, Н.Е. Озлем Канел, одржа воведен говор, заедно со Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, а на настанот се обрати и Илир Исени, вршител на должност директор на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија.
Оваа регионална конференција беше последна од трите, другите се одржаа во декември 2023 година во Босна и Херцеговина и во октомври 2022 година во Србија, и претставуваше заклучок на четири години посветена работа во рамките на проектот „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Холандија.
Оваа иницијатива е финансирана од Министерството за надворешни работи на Холандија. Како што истакна Хенк ван ден Дол, амбасадор на Холандија во Босна и Херцеговина, „владеењето на правото не може да постои без доверба во судството, а новинарите се суштински за градење на таа доверба“. За да ги постигнеме нашите цели, Холандскиот Хелсиншки комитет и Free Press Unlimited работат заедно со неколку холандски институционални експерти во оваа област, како што се Центарот за обука и студии за судството (Studiecentrum Rechtspleging) и Холандското здружение на новинари (Nederlandse Vereniging van Journalisten).