Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 7800 членови, остро ги осудува последните вербални закани врз новинарите и медиумите од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
По натписот за смртта на генералот Праљак, кој беше објавен на интернет порталот Dnevnik.ba, голем број на закани беа упатени до новинарите и до медиумските експерти од Босна и Херцеговина преку Facebook и преку електронска пошта. Меѓу новинарите на кои им се закануваа беа Сања Кајан, новинар во Al Jazeera Balkans, Штефица Галиќ, уредник на порталот Tačno.net, Аријана Сарајевиќ Хелаќ, уредник во Федералната Телевизија и Лејла Турчило, професор на факултетот за политички науки во Сараево. Овие новинари известуваа и го истакнаа своето мислење во однос на пресудата за Праљак. Нивните мислења беа цитирани во натписот, по кој следеше говор на омраза и бројни навреди.
Во Хрватска, имаше бројни закани, вклучувајќи и смртни закани, упатени кон новинари и медиуми на сметка на известувањето за шесте пресуди за хрватите од Босна и самоубиството на Слободан Праљак во судницата на Меѓународниот кривичен трибунал. Главната мета на тие закани беа новинари и медиуми кои посочија дека генералот Праљак бил осуден за воени злосторства.
Претходно оваа недела, Марија Антиќ, новинарка од телевизијата N1, беше домаќин на Арно Гуион, кој интензивно работеше со Србите во Косово, и разговараа за неговиот хуманитарен ангажман и претстојната јавна расправа на Факултетот за политички науки. Таа го запрашала Гуион за неговиот претходен ангажман во „Les Identitaires”, екстремно десничарска организација во Франција, во која се приклучи откако организацијата “Unité radicale”, каде што тој претходно беше активен, беше забранета во 2002 година. Овие прашања предизвикаа бурни реакции и бројни смртни закани кон новинарката Антиќ и Телевизијата N1, потсетувајќи ги дека постојат „смртни листи” и дека ќе дојде време кога овие „странски платеници кои себеси се нарекуваат новинари” ќе се соочат со тоа.
Три различни вербални напади се случија во три различни држави, а за Платформата тоа е многу загрижувачка ситуација. Тоа кажува многу за безбедноста на новинарите во државите од Западен Балкан, како и за состојбата со слободата на говорот.
Платформата ќе испрати писма до сите релевантни институции во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, барајќи од нив да сторат се за да спречат било каков вид на насилство врз новинарите, итно да ги истражат сите факти и докази за овие случаи и конечно да почнат да дејствуваат во однос на нив. Со тоа, тие ќе испратат силна порака во јавноста дека ваквото однесување не е прифатливо. Исто така, Платформата ќе ги пријави овие случаи во Mapping media freedom, платформа за промоција на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите.
Нападите и заканите кон новинарите претставуваат директен напад кон слободата на говорот и правото на граѓаните да бидат информирани. Секој напад врз новинарите е напад на јавниот интерес, демократија и правата на сите граѓани.
Регионална Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност , Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб
BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia