Снимателот на ТВ 24 Иван Камчев вчера бил вербално и физички нападнат и му била оштетена опремата додека се обидувал да сними сообраќајна несреќа на патот Градско-Прилеп во Северна Македонија.
Иван Камчев додека се враќал од снимање со колега од МРТВ бил сведок на сообраќајна несреќа на патот Градско-Прилеп кај општина Росоман. Во обид да го документира настанот, снимателот Камчев бил вербално, а потоа и физички нападнат, при што му била оштетена опремата.
„Само што почнав да снимам инсерти, лицето ми пријде и почна да вика новинари предавници, вие само барате некакви права и ни се обраќате со навредливи зборови. Неколку пати замавна кон мене и еднаш успеа да удри во трибината и ја оштети камерата“, рече Камчев во телефонски разговор со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Случајот е пријавен во МВР СВР Велес и како што велат од ЗНМ, преземени се мерки за расчистување на случајот.
„Насилството врз новинарите и снимателите е неприфатливо. Сакам да нагласам дека според новите измени во член 139 од Кривичниот законик, кои се во сила во земјава, напад врз новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде МВР и ОЈО се должни да постапуваат по службена должност“, изјави Драган Секуловски, директор на мрежата SafeJournalists и извршен директор на ЗНМ.
Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се придружува на својата членка ЗНМ и ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство во Северна Македонија да спроведат брза истрага и да го пронајдат и казнат напаѓачот на медиумскиот работник.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 19.07.2023
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора