Состојбата во медиумскиот простор во Република Македонија е на прилично незавидно ниво во последниве неколку години. Ова го констатираат меѓународни и домашни институции кои ја следат состојбата на демократските и медиумските слободи во Македонија. Опаѓањето на слободата во медиумите, меѓу другото, се поврзува и со големиот удел на Владата во рекламирањето во медиумите, а тоа како проблем го посочуваат Европската унија, американскиот Стејт департман, како и познатите невладини организации Фридом Хаус и Репортери без граници.