SafeJournalists мрежата е загрижена поради заканите за силување кои беа испратени до новинарките во Црна Гора минатата недела.
Непознато лице испратило мејл со закани за силување до уредничката на порталот М, Даница Николиќ. Закани беа упатени кон Николиќ и нејзините други колеги од различни медиуми, Тамара Никчевиќ, Бојана Дабовиќ, Мирка Девиќ и Славица Крушчиќ Васовиќ. Случајот веднаш бил пријавен во полиција и во обвинителството.
Синдикатот на медиуми на Црна Гора (СМЦГ) предупредува дека заканите што ги добиваат новинарките се многу проблематични, бидејќи во Црна Гора првпат се случува ваква масовна закана, чија цел биле само жени. „Надлежните органи мора итно да реагираат за да се стави крај на оваа појава и адекватно да се казни сторителот. Во последниве години, СМЦГ често ја истакнуваше ажурноста на полицијата, обвинителствата и судовите кога станува збор за нови случаи на напади врз новинари. Но, новинарката Даница Николиќ неколку пати била мета на закани и како што дознаваме ништо не е направено, така што нејзиното искуство е поинакво и апелираме тоа да се промени“, изјави претседателот на СМЦГ Радомир Крачковиќ.
Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка СМЦГ и ги повикува властите сериозно да го сфатат овој случај и итно да го најдат лицето што ги испратило заканите и да го гонат случајот.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните домашни и меѓународни актери за овој случај, а посебен акцент во работата ќе стави на безбедноста на новинарките.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 18.12.2023.
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора