
Нов етички кодекс за новинарите, кој треба да одговара на современите потреби и предизвици со кои се соочува медиумската сфера, беше една од главните теми на разговор на првата консултативна средба одржана на 9 ноември 2024 година во Свети Николе, со повеќе од 20 претставници на локални регионални медиуми и дописници од Штипскиот регион. Новинарите ги споделија своите размислувања и искуства и дадоа плоден придонес во иницијативата која има за цел да ги обедини мислењата и препораките на новинарите низ целата земја.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека гласот на медиумските работници е клучен за креирање на политики кои ќе ги штитат правата на новинарите и ќе го зајакнат професионализмот во нивната работа.
„Свесни сме дека социоекономските прашања се од постојан интерес кај новинарите, во паралелен процес со постојано унапредување на етичките стандарди“ изјави Чадиковски, нагласувајќи ја потребата за непосредна комуникација со локалните новинари.
Регионалниот координатор за Штипскиот регион, Тони Михаилов, се осврна на потребата за поддршка на локалните медиуми и важноста на овие дискусии за пронаоѓање на одржливи решенија.
„Потребно е да се отвори разговор за да се избегне состојба во која јавниот интерес за локалните прашања ќе биде занемарен,“ истакна Михаилов.
Мирче Адамчевски, член на работната група за измена на етичкиот кодекс, го нагласи значењето на сегашниот кодекс, кој и покрај тоа што е усвоен во 2001 година, сè уште е применлив.
„Напорите на ЗНМ, СЕММ и МИМ за организирање на овие консултации се од особена важност,“ додаде Адамчевски, изразувајќи благодарност за поддршката од новинарската заедница.
Огнен Јанески ја истакна комплексноста на задачата за создавање нов кодекс во услови на брз технолошки развој.
„Денешните предизвици, вклучувајќи ја вештачката интелигенција и технолошкиот напредок, се сериозен фактор за новинарската професија,“ истакна Јанески.

Работната група за измена на етичкиот кодекс има за цел да го предводи процесот на осовременување на етичките стандарди во новинарството во Македонија. Оваа иницијатива, спроведена во соработка со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), ќе придонесе за подобрување на професионалната етика и одговорност на медиумите.
Оваа активност е дел од проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат,“ поддржан од УСАИД и ИРЕКС.