Американски експерт: Судовите мора да бидат отворени за новинарите

Source: AJM
Американски експерт: Судовите мора да бидат отворени за новинарите

СКОПЈЕ, 13.04.2018 – Судските рочишта треба да бидат отворени за јавноста и новинарите, бидејќи само на тој начин ќе се зголеми довербата на граѓаните во судството. Ова беше главниот совет кој го искажа американската новинарка Рејчел Коен, на регионалната работилница во Скопје на тема: „Судска транспарентност и евалуација на судиите во светло на реформата на судството“, организирана од страна на Здружението на судиите на Република Македонија во соработка со Амбасадата на САД во Македонија.

Коен го претстави американското искуство во однос на соработката меѓу судовите и медиумите, која се одвива преку Комитетот на судови и медиуми во рамки на Вишиот суд во Бостон. Таа рече дека судските рочишта треба да бидат отворени за јавноста, додека на новинарите треба да им биде овозможено да ги користат сите видови на електронски уреди за време на судењата. „Новинарите и судиите имаат многу да научат едни од други, а отворените судови се прекрасен пат за зголемување на довербата кај јавноста за тоа што се случува во судските сали. Тоа е реалната мисија на Судско-медиумскиот комитет во Масачусетс. Кога велам отворени судови, мислам на отворени за камери и за сите видови електронски уреди, така што нашите новинари имаат можност да испратат „твит„ или да пишуваат директно од судската сала“, рече Коен.

Претседателот на Здружението на судиите на Македонија, Џемаил Саити најави дека по американскиот пример и во Македонија ќе биде формирано тело – каде ќе се дискутира за заеднички прашања на судовите и медиумите. „Ќе се отвори прашање за поконкретна соработка со медиумите, во насока на формирање на судско-медиумско тело, односно совет, каде ќе може да се дебатира за доста заеднични прашања, за нашата помош судовите да се отворат за медиумите, како и за тоа медиумите да бидат поблиску до нашата работа“, додаде Саити.

Независноста на судиите во Македонија, според портпаролката на американската Амбасада во Скопје, е клучна за спроведување реформи во правосудството во земјава. „Здружението на судии прави добра работа во промовирање на независноста на судиите во Македонија, за што, ние како амбасада веруваме дека е клуч за реформите кои ѝ се потребни на Македонија за да се приклучи во НАТО и ЕУ“, порача Лора Браун, портпаролка на Амбасадата на САД во Скопје.

На дискусијата се обрати и претставникот на ЗНМ Дениз Сулејман, кој нагласи дека отвореноста на судовите е од огромна важност особено во овој период кога секојдневно имаме предмети во суд кои се од значаен интерес за јавноста. „Практиката во САД и во другите развиени демократски земји покажува дека новинарите можат да користат електронски уреди за време на рочиштата. За жал, во Македонија минатата година имавме двајца приведени новинари со објаснување дека го снимиле во лице судечкиот судија. Новинарите беа приведени без налог и беа држени повеќе од шест часа во полициска станица, а за да биде иронијата уште поголема, настанот се случи на 2ри ноември кога се одбележува денот на неказнивоста на злосторствата против новинарите“ истакна Сулејман. Тој додаде дека отвореноста на судовите и на другите институции кон новинарите е од голема важност во борбата против појавата на лажните вести.