Да се стави крај на политиката на неказнивост, да се казнат насилниците

0
142

СКОПЈЕ, 19.04.2018 – Вчера во Скопје се одржа обука посветена на интегритетот на полицијата, на која освен високи полициски функционери учествуваа и претставници на Здружението на новинари и на Хелсиншки комитет.

На отворање на обуката, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека искоренување на корупцијата бара системски пристап и преку издигнување на професионалното достоинство и интегритет на полициските службеници.

На промоцијата на обуката збореше и претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, кој рече дека овој настан има симболично значење затоа што праќа силна порака дека полицијата сака да ја подобри нејзината работа со цел да ја зголеми довербата на јавноста.

Селмани истакна дека медиумите имаат огромно влијание во креирањето на јавното мислење за интегритетот на полицијата и затоа е потребно да се изградат искрени и професионални односи.

„Со право полицијата очекува медиумите да известуваат точно и чесно, меѓутоа и полицијата треба да биде транспарентна во нејзината работа. Кога постои отвореност и доверба, тогаш и медиумите ќе се обидат да бидат чесни и одговорни во нивното известување“, рече Селмани.

Селмани ја критикуваше политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. „Над 50 напади на новинари се случиле во последните пет години, а ниту еден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата“, посочи тој.

„Не може да се збори за слобода на изразување и слобода на медиумите доколку новинарите се изложени на напади, закани и притисоци, а институциите не реагираат брзо за да ги заштитат“, рече Селмани и додаде дека замолчувањето на новинарите е обид да се замолчи вистината.

Според него, за присуството на политиката на неказнивост говори и извештајот на Европската Комисија, која повикува на нулта толеранција на напади и закани на новинари.

„Нашата соработка во борба против неказнивоста е влезена во извештајот не ЕК. Тоа треба да биде дополнителна мотивација, но и обврска повеќе да работиме со цел истрагите да бидат поефикасни. Нападите нема да престанат се додека насилниците не бидат казнети“, истакна Селмани.

Според Селмани, политиката на неказнивост го нарушува и угледот на земјата во светот затоа што голем дел од предметите што Македонија ги губи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур се поради полициска бруталност.