Со години забележуваме примери на непринципиелен однос на политичарите кон медиумите и новинарите, што нè исправило пред дилемата: дали најголем дел од политичарите знаат каква е улогата на новинарите и медиумските работници и кое е нивното значење за демократијата ?
Затоа, во пресрет на изборната кампања, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски (ССНМ) работници и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) јавно им поставуваат девет, основни, прашања на политичките партии и коалиции кои ќе настапат на предвремените парламентарни избори 2020 година . Дел од нив се однесуваат на нивните ставови за реформите во медиумскиот сектор, гледиштата кон новинарството и идеите што ги имаат околу создавање услови за развој и слободно дејствување на професионалните новинари и медиумски работници, односно за точно, навремено и објективно известување на граѓаните .
Очекуваме политичките чинители во изборите кои се сериозни да дадат искрени одговори кои понатаму ќе можат и да ги спроведат, а со цел подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите во нашата земја. Во наредните девет дена секојдневно и јавно ќе поставуваме по едно прашање со цел подигање на свеста за тоа што значи новинарството во едно демократско општество .
Новинарството е јавно добро и заслужува да добие таков третман, бидејќи нема демократска држава без професионално новинарство и доброинформирани граѓани .
Што е за вас новинарството?
- Како планирате да го поддржите професионалното новинарство на долг рок ?
- На кои принципи се заснова вашата медиумска стратегија за создавање услови за функционирање на независни медиуми ?
- Што ќе направите за подобрување на независноста на финансирањето на МРТВ и како ќе придонесете кон политичката независност на јавниот сервис ?
- На кој начин планирате да го поттикнувате колективното преговарање во медиумите, како еден од најдобрите начини за обезбедување на работничките права ? Како планирате да обезбедите почитување на основните работнички права во медиумите?
- Каков е вашиот план за спречување на влијанието на политичките и бизнис центри врз медиумскиот пазар?
- Што ќе направите за подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници? Која е вашата стратегија за прекинување на неказнивоста?
- Што ќе направите за економската одржливост на професионалните локални медиуми?
- Како ќе ја гарантирате политичката независност на медиумскиот регулатор?
- Што ќе направите за да ја поддржите медиумската саморегулација и медиумската писменост?