Новинарските здруженија од регионот го поздравуваат апсењето на лицето кое му се закануваше на новинарот Драган Бурсач

Source: АЈМ
Новинарските здруженија од регионот го поздравуваат апсењето на лицето кое му се закануваше на новинарот Драган Бурсач

ПЛАТФОРМАТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ НА МЕДИУМИТЕ И НОВИНАРСКАТА БЕЗБЕДНОСТ, која застапува околу 7800 членови, остро ги осудува смртните закани кон новинарот Драган Бурсач и ја поздравува брзата реакција на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, кое го уапси лицето што се закануваше на новинарот од Бања Лука.

 Драган Бурсач се соочи со смртни закани поради напишаниот текст со наслов „Молчев додека Бихач беше гранатиран“ каде авторот навраќаше спомени на тригодишната опсада на градот Бихаќ кој бил опкружен од една страна од армијата на таканаречената Српската Автономна Единица Крајина и од друга страна, Армијата на Република Српска и воената акција „Олуја“ која следувала. На тоа следеше неприфатлива реакција каде лицето А.Б напишало вознемирувачки коментари, а на крај завршило со зборовите: „главата веќе нема да ти стои на рамената, ти го ветувам тоа“.

„Постојаните смртни закани кон Драган Бурсач, испратени преку социјалните мрежи, се доказ дека слободното јавно мислење, за разлика од официјалните ставови, не е дозволено или добредојдено. Било какви закани кон новинарите се недозволиви и претставуваат огромно кршење на медиумските и човековите права и слободи. Смртните закани поради јавно искажано мислење, бараат спроведување на итни и одлучни мерки од страна на судските власти и институции. Принудувајќи некој, особено принудувајќи ги новинарите да размислуваат и да пишуваат во согласност со политичките партии, поединци, групи или власти, не враќа во времето каде имаше отсуство на плурализам на мислењата. Очекувам одговорните институции да го казнат сторителот за ова сериозно криминално дело, како што е смртната закана“ рече Марко Дивковиќ, претседател на Здружението на новинарите на БиХ.

Ова е трета сериозна закана кон Бурсач од август минатата година. Пред само еден месец, смртни закани беа испраќани до Бурсач поради текстот „Дали Бања Лука го слави геноцидот во Сребреница?“, во врска со настанот за поддршка на Ратко Младиќ, кој е обвинет за најлошите воени криминали извршени во БиХ. Текстот бил објавен на 11 јули, ден кој се одбележува по повод геноцидот во Сребреница. До овој случај, ниту еден од сторителите не бил процесуиран.

Регионалната Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност предупредува, не прв пат, дека нападите врз новинарите претставуваат напади врз слободата на говорот и известувањето. Поради содржината на новинарскиот текст или некој друг медиумски производ, овој напад го сметаме за неприфатлив и претставува опасен напад врз слободата на известување. Ве потсетуваме дека секој напад врз новинарите претставува напад врз сите граѓани.

Исто така очекуваме сторителот да биде осуден што е можно побрзо, што ќе испрати јасна порака до јавноста дека слично однесување спрема новинарите е неприфатливо и експресно ќе биде санкционирано.

Регионалната платформа ги поддржува Здружението на новинарите на БиХ и другите новинарски и медиумски организации во напорите за да ги заштитат новинарите и слободата на говорот. Платформата исто така ги повикува меѓународните организации кои се бават со заштита на слободата на медиумите и правата на новинарите да бараат од босанските власти итно да се осуди сторителот.

Во првите седум месеци оваа година, во БиХ се евидентирани 36 случаи на директен притисок, вербални закани и физички напади врз новинарите, вклучувајќи го и последниот инцидент.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

 

BH Journalists Association

Trade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association Serbia