Home Blog

ЗНМ, ОЈО и МВР – Зајакнување на заедничките напори кон постигнување на поголема безбедност на новинарите и медиумските работници

0

Во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска се одржа заеднички настан со претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) на тема: ,,За поголема безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници и спротивставување на заканите за слободата на медиумите”.

Во пресрет на парламентарните и претседателските избори, за кога се очекувани голем број на митинзи, јавни дебати, можностите новинарите да бидат изложени на зголемен ризик на работното место се реални. Со цел превенирање на несакани ситуации и ризици за медиумските работници, пред се оние при работа на терен, но одржување вакви настани е од голема важност за испраќање на јасна порака дека напад на новинар е кривично дело за кое законот предвидува сериозни казни.

Денешниот настан го отвори претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, а говорници беа Дејан Петревски, јавен обвинител во ОЈО Скопје и контакт лице за координација во случаи каде што има повреда на права на новинари, Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност, Ера Ѓакова, новинарка од АЛСАТ, како и Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, а модератор на настанот беше новинарката Елена Ивановска Мукоска.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните укажа на соработка со релевантните институции во поглед на безбедноста на новинарите и медиумските работници во државава.

,,Сакаме да укажеме на новите одредби од Кривичниот закон кои се во насока на подобрување на заштита на новинарите, на предметите за кои до сега е постапувано и за кои има правосилни пресуди, но и препораки за поголема безбедност и заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слобода на медиумите како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор на медиумските работници, посебно во време на изборна кампања. Токму во овој предизборен период ризикот од вршење на новинарската работа ќе се зголеми. Заштитата на слободата на медиумите и заштитата на новинарите не е само прашање на етика или професионална одговорност – тоа е прашање на зачувување на правото на информирање на граѓаните. Да не заборавиме на проблемот со неказнивоста на напаѓачите на новинарите, тоа не е проблем само на новинарската фела. Наша должност  е да инсистираме на правда, токму затоа ќе продолжиме да бараме системски промени реформи кои што ќе ја подобрат безбедноста” посочи Чадиковски.

За важноста на законските измени од Кривичниот законик и нивната имплементација свое обраќање имаше и јавниот обвинител во ОЈО Скопје Дејан Петревски кој пред присутните го сподели своето задоволство од досегашната заедничка соработка со ЗНМ и МВР.

,,Она што е најважно за нас како обвинителство е кривично правната заштита кон новинарите да се подигне на повисоко ниво. Перцепцијата со безбедноста на новинарите е сменета и фактичката состојба е далеку подобрена споредбено со минатите десетина години. Резултат за тоа се и измените во кривичниот закон кои се одлични во поглед на заштитата на новинарите и медиумските работници во државава. Во контекст на нашата пракса физичкиот напад може да се смета за кривично дело кога постои напад или употребена сила кон новинар или медиумски работник односно како службено лице, но и доказ дека лицето новинар преземал службено дејствие согласно своите професионални службени овластување. Оттука, сакам да упатам апел дека ОЈО секогаш стои на располагање кога во иднина ќе се случи повреда на правата на новинарите или медиумските работници.. истакна Петревски.

За улогата на МВР во превенирањето на нападите и заштитата на безбедноста на новинарите и медиумските работници свое обраќање на настанот Тони Ангеловски кој во  своето обраќање потенцираше дека нема и нема ниту да има никаква толеранција за нападите кон новинарите и медиумските работници.

,,РС Македонија е најбезбедна земја за новинарите изминативе неколку години споредбено со земјите од регионот. Ова е резултат на посветената заедничка работа со сите засегнати страни. Важно е овој период да се искористи и да се упати апел дека треба да се подготвиме за претстојните избори. Никој нема да остане неказнет ако нападне новинар. Тука сакам да направам споредба со последниот случај со колегата Фуркан Салиу дека со брза и координирана комуникација можеме веднаш да постапиме. МВР и ЗНМ подолг период заеднички соработуваат и како резултат на тоа имаме заеднички направено протоколи за пријавување на напади онлајн и прирачници за безбедноста на новинарите. Веќе имаме воспоставено лица како контакт точки за комуникација со новинарите и најважно од се е секој напад мора да се пријави и да се реагира и расчистат брзо рече Ангеловски.

Новинарката Ера Ѓакова која беше предмет на физички напад во 2023 и како позитивна пракса и од страна на МВР и ОЈО го сподели своето искуство за својот случај за кој веќе има осудителна судска пресуда за напаѓачот.

,,Сега го враќам сеќавањето од 21.08.2023 денот кога бевме нападнати како екипа на АЛСАТ во старата чаршија, важно е дека ние вршевме професионална новинарска работа без да загрозиме ничија безбедност и бевме нападнати од страна на непознато лице кое се најде на исто место со нас. Интересно е што новите измени на КЗ јас ги искусив на мој грб. Веднаш случајот го пријавив во МВР и покрај убедувањата од страна на граѓаните дека нема потреба да се пријави ваков напад бидејќи институциите нема да постапат. Но за волја на вистината јас со мојата колешка Сара Хоџа и покрај тоа што телефонски добивавме притисоци и закани да не одвратат од понатамошната постапка и да не обесхрабрат, ние продолживме и бевме упорни правдата за нас како професионалци да излезе до крај. Тука сакам да го споделам моето задоволство дека на мое изненадување дека случајот го доведовме до крај за кој добивме осудителна пресуда од една година условна затворска казна за напаѓачот во многу брзо време. Пораката која што сакам да ја пратам од овој настан е дека секој напад или закана мора да се пријави, сподели Ѓакова.

За состојбата со безбедноста на новинарите во земјава во онлајн просторот но и во контекст на новите трендови поврзани со оваа тема свое обраќање имаше извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски кој рече: „Изминатиов период може да се забележи позитивен тренд во насока на предметите каде имаме физички напади кон колеги новинари, од вкупно регистрирани пет во изминатава година имаме две осудителни судски пресуди за напаѓачите. Органите на прогонот сеуште покажуваат недостатоци во поглед на капацитетите за постапување во контекст на онлајн нападите и заканите, иако во текот на изминатите дцва месеца  имаме поднесено  пет претставки до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

Оттука, да ја потврдиме нашата посветеност за заштита на безбедноста и слободата на новинарите, не само за време на изборите, туку и во секојдневието. Заедно, да се стремиме да изградиме општество каде што новинарството и медиумите можат да напредуваат, неограничени од закани, напади или заплашувања. Сега кога и новинарите се службени лица според законот, треба да знаеме дека одговорноста лежи врз нас да ја чуваме и заштитиме слободата на изразување и информирање и уште повеќе да го штитиме јавниот интерес“, истакна Секуловски.

Целта на денешниот настан беше повторно да се укаже на новите одредби од Кривичниот закон кои се во насока на подобрување на заштита на новинарите, на предметите за кои до сега е постапувано и за кои има правосилни пресуди но и препораки за поголема безбедност и заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слобода на медиумите како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор на медиумските работници, посебно во време на изборна кампања.

Настанот е организиран во рамките на проектот „Стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) за новинарите се шлаканица за граѓаните и јавниот интерес “ поддржан од УНЕСКО и  на регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од страна на холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. 

Чадиковски: Нема компромис за одбраната на слободата на мислата и говорот!

0

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски се обрати на Меѓународната конференција по повод 60 години Уставен суд, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија, во салата „Голема купола“. Во продолжение е говорот на Чадиковски кој на оваа конференција ја претставуваше новинарската заедница во Македонија.

Пред се сакам да изразам благодарност за поканата за учество, во мое име, но и во име на новинарската заедница.

На сам почеток отворам една од најчестите дилеми за нашата ценета, но и напати обременета професија од дилемaта – каде да најдат засолниште новинарите и медиумските работници, во држава во која многумина од политичарите правото на јавен говор го сметаат како нужно зло, а не како основно право на граѓаните и јавноста загарантирано во нашиот Устав во членот 16?

27ми април, 2017-та година… во оваа зграда, во друга сала, неканети гости удрија врз демократијата, а во наш контекст го оневозможија и спречија известувањето за случувањата од парламентот кои во тој момент беа од суштински интерес за јавноста. Ќе имаме ли држава, ќе не тепаат ли повторно, има ли жртви, беа често поставувани прашања на  граѓаните кои чекаа информација на тв или на порталите.

Овој настан беше кулминација на еден темен период за новинарството и слободната мисла, но можеби и пресвртен момент, од кој како општество ќе извлечеме поука дека независните, објективни и професионални медиуми се основата на секоја просперитетна демократија и се самиот столб што ги поддржува вредностите на транспарентност и одговорност.

Треба да се знае дека со нападот врз слободата на изразувањето како основно човеково право предвидено во Уставот, ние не можеме да продолжиме да го чуваме интегритетот на секој поединец, не можеме да им служиме на јавноста и граѓаните, за што сме се обврзале кога сме влегле во оваа наша новинарска професија. Но од тој 27 април, новинарите кои професионално беа присутни во овој собранискиот дом започнаа битка без извесен крај. Како да ја добијат правдата, правда во име на граѓаните!!!

Судската власт како и многу пати досега покажа двоен аршин. Насилниците кои нападнаа политичари беа осудени, а напаѓачите на новинарите останаа неказнети. Правниот поредок само делумно изрече правда за политичарите, за новинарите правосудниот систем изрече неправда. Негативни, одбивателни тужби во низа за шестмина новинари на задача. Шест години правна битка, талкање по лавиринтите на граѓански, кривичен суд и во апелациониот суд, 8 години од настанот, со целосна поткрепа на правните тимови на ЗНМ, таа бавна неправда, конечно и делумно доби разрешница, барем еден зрак надеж од Уставните судии. По повеќе од една година од поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарите Влатко Стојановски, Душица Мрѓа и Горан Трпеновски. Според чуварите на Уставот, во претходните пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на новинарите. Се чека одлука и за останатите новинари.

Со ова Уставниот суд овозможи пат – како судовите треба да постапуваат во иднина во тужбите поднесени од страна на новинари за овој случај кога беше повредена нивната уставно загарантирана слобода на изразување при известувањето за т.н. „крвавиот четврток“. Се надевам и за сите останати случаи.

Во друг случај имавме сосема поинакво искуство.. На 24 декември 2012 година, се случи сериозна повреда на слободата на новинарите и медиумите во Македонија. Група новинари и сниматели кои се обидоа да следат исто така едни други насилни настани во пленарната сала на Собранието беа физички спречени и исфрлени од салата од страна на обезбедувањето. Овој чин предизвика големи реакции и подоцна прерасна во правна борба за заштита на правата на новинарите.

Тогаш барањата на новинарите беа отфрлени од страна на Уставниот суд на Македонија, случајот продолжи кон Европскиот суд за човекови права во Стразбур при што се докажа дека меѓународните механизми можат да обезбедат правда кога националните институции не ги штитат основните човекови права.

Се поставува прашање зошто ние не добиваме засолниште во нашиот правен поредок, и мораме правата да ги бараме во Стразбур.

Колкава е само потребата ние медиумските работници да ја уживаме заштитата пред Уставот? Треба сите да знаеме дека нападот на новинарите е напад на демократијата и правото ја јавноста да биде информирана. Затоа сакам да испратам јасна порака дека поигрувањето со основните човекови права, ја поткопува во целост демократијата и создава несигурност и страв кај сите граѓани.

Ако вие почитувани уставни судии сте гарантите на нашите права, ние медиумските работници сме корективот на сите грешки во општеството и чувари на вистината. За да излезам од превезот на сивилото кое го многу пати го кажуваме проследено со негативните извештаи на новинарските здруженија за нападите врз слободите на новинарите, сакам да истакнам дека судиите и новинарите имаат најмалку една заедничка мисија. Тоа е дека и ние и вие треба да служиме на граѓаните и на јавниот интерес а не на политиката и на политичарите.

Потребата е јасна, а за да биде пораката посилна ќе дополнам: Меѓународните тела и извештаите на домашните здруженија ја откриваат деликатната состојба на медиумскиот пејзаж во Северна Македонија, покажувајќи го и напредокот, но и постојаните проблеми и предизвици со кои се соочува новинарството во земјава.

Во нашето општество и медиумска средина, распалувањето на омраза и недостигот од одговорност за зборовите што се изговараат предизвикуваат нетолеранција и предрасуди. Ова создава негативна атмосфера која ги охрабрува сите форми на омраза, од физичко до вербално и психичко насилство, врз основа на националност, пол, сексуална ориентација и други разлики. Да ставиме крај на ова на начин што ќе промовираме нетолеранција кон сите злоупотреби кои ги нарушуваат основните човекови права. Затоа, последната одлука на Уставниот суд на Македонија во полза на новинарите од 27ми април е добра порака дека нема компромис кога станува збор за правото на јавноста да знае.

Да не бидам сфатен погрешно – никој од вас не бара да се мешате во работата на другите судови, но очекувам дека ќе застанете во одбрана на новинарското достоинство. Ќе побарам да го искористите целиот личен интегритет, кредибилитет, правнички габарит и да го заштите кажаниот збор. Придобивките ќе бидат заеднички и во интерес на сите граѓани за да добиеме здраво демократско општество во кое ќе преовладува взаемната доверба и пред се правдата.

“Неправдата на било кое место е закана за правдата секаде”, рече борецот за човекови права, Мартин Лутер Кинг, многу убаво објаснувајќи дека не е потребно селективно толкување на законите, затоа ќе дополнам со порака до сите нас и вас, до медиумските работници, до државните органи и функционери, но пред се до последната брана на правдата во нашата држава, а тоа се судиите на Уставниот суд, актелните и идни, да им порачам да останат на нивото кое од сега натаму треба да биде стандард за бескомпромисно правно општество.

ЗНМ во Брисел информираше за состојбата со новинарите и медиумите во земјава

0

Состојбите, условите, безбедноста на новинарите и медиумските работници, неказнивноста на напаѓачите врз новинарите (посебно за интернет заканите) и омаловажувачкиот однос на политичарите кон медиумските работници, потребата од формирање на фонд за плурализам на медиумски содржини, беа дел од темите што  претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги истакнаа за време на посетата на Европскиот парламент изминативе три дена во Брисел.

Маја Јовановска, заменик претседателка на ЗНМ и Милан Спировски постар истражувач од канцеларијата на ЗНМ, остварија средби со високи претставници на Европскиот парламент. Ново донесените закони, што се важни за медиумските работници, како што е Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда и Законот за измена на кривичниот закон се позитивни чекори,  но не смее да се дозволи да има стагнација и назадување во другите процеси важни за слободата на медиумите, беше истакнато на средбата.

За време на посетата се одржаа средби со Фредерик Свинен – офицер за политики за Северна Македонија како и со Рубен Винсент Робесом политички советник, при што се оцени дека претстојат многу предизвици од аспект на новинарските прашања во контекст на безбедноста за време на претседателските и парламентарните избори. Претставниците на европските институции се согласија дека дел од овие барања ќе ги адресираат со цел унапредување на медиумските слободи во Македонија.

Посетата на ЗНМ беше во рамки на редовните активности на регионалната мрежа „SafeJournalists“, која застапува повеќе од 8.200 медиумски работници во Западен Балкан во која освен ЗНМ, членки се здруженијата на новинари од Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина и новинарскиот синдикат од Црна Гора.

ЈАСНО.МК гласно во битката против дезинформации

0

Здружението на новинарите на Mакедонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ја презентираа дигиталната платформа ЈАСНО.МК.

Целта на оваа платформа е квалитетни новинари да создаваат приказни кои што ќе донесат промена и што е најважно ќе ја презентираат информацијата до граѓаните кои се надеваме во иднина ќе знаат од каде да црпат точни и проверени информации. Родовата дискриминација е значајна компонента во оваа фаза на сајтот. Локалните заедници страдаат од низа дезинформации кои влијаат на родовиот јаз.

Јасно.мк ќе ги потенцира овие случаи но истоврeмено ќе служи и за уривање на штетните стереотипи и предрасуди креирани преку лажни или погрешни информации. Преку ресурсите кои ги нуди ги опремува и граѓаните и новинарите да препознаат дезинформации, особено во областа на родовите дезинформации.

Пред присутните гости, свое обраќање имаше Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски којпосочи дека новинарите се чувари на демократијата, на кои им е доверена одговорноста да им обезбедиме на граѓаните веродостојни информации.

,,Сакаме со оваа платформа да воспоставиме ново ниво на препознавање на дезинформации, на читање нови квалитетни медиумски производи. ЈАСНО.МК има за цел да придонесе во процесот на кревање на свеста и зајакнување на капацитетите на локалните заедници кои на овој начин би биле повеќе подготвени да препознаат дезинформации и да се борат со оваа појава, посебно во делот на родово базирани дезинформации.”, потенцираше Чадиковски.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан истакна дека ,,Јасно.мк не е само уште еден медиум; тоа е посветена платформа за вести од малите градови, дизајнирана да ги изнесе автентичните гласови и приказни кои често остануваат незабележани. Во ерата на преоптоварување со информации, ја препознавме потребата за платформа која се залага за квалитетна локална содржина, а истовремено ќе се бори против дезинформациите.“, рече Григорјан.

Дигиталната платформа ЈАСНО.МК е достапна на македонски и на албански јазик.

Оваа иницијатива е овозможена преку заедничките напори на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е насловен „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и дезинформации засновани на пол“.

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) беше домаќин на амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и неговиот тим, одбележувајќи ја континуираната соработка која значително придонесе за развојот на слободата на медиумите во регионот.

Во фокусот на состанокот беа активностите поврзани со успешната реализација на летниот камп за млади новинари кој претставува заедничка иницијатива на ЗНМ и ОБСЕ Скопје.

Оваа платформа е одличен начин за дополнителен професионален развој на младите новинари каде постои можност за споделување на знаење и простор за меѓу-редакциска соработка. Двете организации сметаат дека на овој начин се одржува амбицијата и иницијативната кај младите за постојана професионална надоградба во новинарството.

За време на средбата се разговараше и за потребата од формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, иницијатива на ЗНМ која има за цел да обезбеди еднаков пристап до ресурси за сите медиуми и новинари, со што би се надополнил медиумскиот пејсаж. Таквиот фонд би бил инструмент за промовирање на избалансирана медиумска средина, поддржувајќи различни содржини и наративи.

Напорот на ЗНМ за овој фонд е јасен показател за посветеноста на разновидна и слободна медиумска сфера, залагајќи се за негово признавање и поддршка од пратениците и властите

Фокусот на соработка останува во насока на подобрување на слободата на медиумите и унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници, што е од клучно значење за одговорен и разновиден медиумски сектор.

Оваа соработка продолжува да биде клучна во обликувањето на поинформиран и поинклузивен новинарски пејзаж во регионот, поттикнувајќи го растот и различноста на медиумската индустрија.

 

 

Скопје, 01 февруари 2024 година

SafeJournalists: Итно да се најде и да се гони лицето одговорно за заканите кон новинарите N1 во Србија

0
photo: canva

Новинарите од N1 вчера добија закани преку електронска пошта. Извесен Милан М. испратил порака до веб редакцијата N1 дека меѓу другото рекол дека ќе дојде денот кога тие (новинарите) ќе имаат крвави глави, заедно со низа пцовки, меѓу кои и дека се нацисти и Србите мразители.

Независното здружение на новинарите на Србија го пријавиле овој случај до надлежните институции во Србија.

Програмскиот директор на N1 Србија, Игор Божиќ, вели дека ова е само една од низата закани што ги добиваат новинарите на овој медиум и дека досега ниту еден случај не добил епилог. „Заканите се горе-долу исти. Факт е дека едвај видовме дека нашле некој што ни се заканувал или дека некој е повикан на одговорност и тоа нè загрижува; дека во оваа држава е можно секојдневно да се закануваат новинари, дека обвинителството покренува постапка, но на крајот да не дознаеме кои се тие луѓе што се закануваат и дека постапката е приведена до крај.“ – изјави Божиќ.

Независното здружение на српски новинари предупредува на зачестеноста на заканите и нападите врз новинарите на медиумите N1 и апелира до надлежните институции итно да реагираат и да го решат овој случај како и претходните закани. НУНС предупредува дека нереагирањето на надлежните институции им дава ветер на насилниците да ги заплашат, па дури и физички да ги нападнат новинарите. Во 2023 година во обвинителства се поднесени шест предмети во кои се повредени новинари на медиумот N1, од кои еден е одбиен, а останатите се во постапка.

Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци од Западен Балкан, се придружува на својата членка NUNS и ги повикува надлежните институции што поскоро да го решат овој случај и со тоа да испратат порака за заштита на новинарите.

Мрежата SafeJournalists внимателно ќе ги следи случувањата во овој случај и ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 13.01.2024.

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независно здружение на новинари на Србија

Медиумски сојуз на Црна Гора

Презентација на анализата: Како до поефективна заштита од стратешки тужби против учеството на јавноста (SLAPP)

0

Во рамките на проектот на ЗНМ, а со поддршка на УНЕСКО „Стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPP) се шлаканица за граѓаните и за јавниот интерес“ , денеска беше презентирана и анализа на темата.

На прес конференцијата за медиуми се обрати извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски кој кажа која е целта на анализата и зошто е потребен ваков вид на водич за SLAPP тужби:

Фото: Петр Стојановски

 

„ Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) издаде публикација, прва од ваков вид во земјите од Западен Балкан, КАКО ДО ПОЕФЕКТИВНА ЗАШТИТА ОД СТРАТЕШКИ ТУЖБИ ПРОТИВ УЧЕСТВОТО НА ЈАВНОСТА (SLAPP) за која сметавме дека е повеќе од потребно да биде направена бидејќи трендот на зголемување на ваков тип тужби последните години е се позабележлив.  На темата ЗНМ има направено повеќе работилници и обуки кои имаа една заедничка карактеристика, а тоа дополнително надградување на знаењата на оваа тема бидејќи SLAPP тужбите иако ги има се повеќе, тешко е веднаш да се препознаат. Првата цел е да претставува своевиден водич за насоките за дефинирање на стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) во локален контекст, а втората цел е да се зголеми свеста, не само на новинарите и граѓанските организации, туку и на пошироката јавност, за ризикот што го носат ваквиот тип на тужби“ – истакна Секуловски.

 

 

За време на настанот, авторите на публикацијата,  д-р Жарко Алексов и м-р Жарко Хаџи-Зафиров подетално ги запознаа присутните, секој за својот придонес при подготовка на анализата.

Жарко Алексов зборуваше за методологијата при процесот на пишување, поточно за истражувачките активности, анализата на релевантните документи, што се SLAPP тужби, кои се основните елементи и кои се најчестите жртви како и за бројот на SLAPP тужби во рамките на Европа. Најчесто, тужители се државни субјекти и политичари, како и претставници на бизнис секторот, а ги запозна присутните и за основните елементи на SLAPP, како што се маскираност, заплашување, нееднаквост, екцесивни барања и одвраќачки или попознат како „chilling ефект“

 

Жарко Хаџи-Зафиров се задржа на праксата на ЕСЧП (Европскиот суд за човекови права) кога станува збор за SLAPP тужбите, примери за овој вид тужби, кои се заклучоците и наодите од спроведените интервјуа, а сподели и препораки за постапување во SLAPP случаи од легислативен и практичен аспект.

Тоа што дополнително загрижува се последиците што овие тужби ги имаат, во насока на цензура, загрозување на слобода на изразување и сето тоа предизвикано од страна на политичките и бизнис моќници.

Со овој проект целта е со јавно говорење за предизвиците поврзани стратешките тужби против учество на јавноста дополнително да се придонесе кон будното следење на негативните последици од нив врз јавниот интерес и правото на граѓаните да бидат информирани.

Публикацијата е достапна на три јазици: македонскиалбански и англиски јазик.

SafeJournalists: Загриженост поради заканите за силување кон црногорските новинарки

0
photo: canva

SafeJournalists мрежата е загрижена поради заканите за силување кои беа испратени до новинарките во Црна Гора минатата недела.

Непознато лице испратило мејл со закани за силување до уредничката на порталот М, Даница Николиќ. Закани беа упатени кон Николиќ и нејзините други колеги од различни медиуми, Тамара Никчевиќ, Бојана Дабовиќ, Мирка Девиќ и Славица Крушчиќ Васовиќ. Случајот веднаш бил пријавен во полиција и во обвинителството.

Синдикатот на медиуми на Црна Гора (СМЦГ) предупредува дека заканите што ги добиваат новинарките се многу проблематични, бидејќи во Црна Гора првпат се случува ваква масовна закана, чија цел биле само жени. „Надлежните органи мора итно да реагираат за да се стави крај на оваа појава и адекватно да се казни сторителот. Во последниве години, СМЦГ често ја истакнуваше ажурноста на полицијата, обвинителствата и судовите кога станува збор за нови случаи на напади врз новинари. Но, новинарката Даница Николиќ неколку пати била мета на закани и како што дознаваме ништо не е направено, така што нејзиното искуство е поинакво и апелираме тоа да се промени“, изјави претседателот на СМЦГ Радомир Крачковиќ.

Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка СМЦГ и ги повикува властите сериозно да го сфатат овој случај и итно да го најдат лицето што ги испратило заканите и да го гонат случајот.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните домашни и меѓународни актери за овој случај, а посебен акцент во работата ќе стави на безбедноста на новинарките.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 18.12.2023.

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Реализирана обука на темата вештини за преговарање за членките на SafeJournalists мрежата

0

Изминативе два дена претставници од здруженијата и организациите кои се членки на SafeJournalists мрежата учествуваа на обуката „Вештини за преговарање“ која се одржа во Подгорица, Црна Гора. Беа опфатени важни теми и беа споделени искуства и практични примери во насока на јакнење на капацитетите како индивидуално на секоја организација засебно, така и како регионална мрежа.

Посебен фокус беше ставен на темите кои се тесно поврзани со преговарањето како стратешкото планирање и унапредување на ефективната комуникација. Истовремено беа споделени и алатки за унапредување на техниките за решавање на конфликти како и преговарачката етика во реализација на овие процеси.

Потпретседателката на Синдикатот на медиуми на Црна Гора, Маријана Чамовиќ Величковиќ истакна: ,,Oваа обука за преговарачки вештини и техники е она што и беше потребно на целата регионална мрежа SafeJournalists, но и на секоја организација што ја сочинува поединечно. Очекувам во двата дена колку што трае обуката, да стекнеме нови знаења и да можеме подобро да се бориме за правата на новинарите и нивната безбедност на регионално и национално нивоКога станува збор конкретно за Синдикатот на медиуми на Црна Гора, а верувам и други организации од оваа регионална мрежа, оваа обука ќе ни помогне подобро да ги совладаме преговорите со работодавачите во однос на колективните договори и индивидуалните разговори со сопствениците на медиумите каде што работиме ние и нашите членови”.

Обуката беше организирана во рамките на проектот: „Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“кој е поддржан од Европската Унија и се спроведува во земјите од Западен Балкан.

Оваа обука послужи за градење на капацитетите за организациите членки на SafeJournalists мрежата на полето на застапување и лобирање за правата и слободите на новинарите.

Целта е стекнатото знаење да помогне во градењето на капацитетите на мрежата и нејзините членки за да има можност да се влијае на подобрување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите преку современите начини на лобирање и застапување преку процесот на преговарање.