Одржана работилница на тема: „Безбедноста на новинарите и медиумските работници и ограничувањето на слободата на изразување“

0
161

СКОПЈЕ, 25.11.2019 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираа работилница на тема: „Безбедноста на новинарите и медиумските работници и ограничувањето на слободата на изразување“. Работилницата се одржа од 20-21 ноември во хотелот „Гарденија“ во Велес.

Меѓу темите кои беа опфатени на работилницата беше безбедноста на новинарите наспроти ограничувањата на слободата на изразување согласно Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа. Исто така, се дискутираше и за говорот на омраза во медиумите и на интернет преку домашната и меѓународната регулатива и практиките во Европа.

На настанот учествуваа новинарите, судиите, јавните обвинители и правниците кои ја професионално ја следат и работат на оваа проблематика. Беше истакнато дека судиите, обвинителите и правниците имаат суштинска улога во заштитата на слободата на медиумите и пристапот до информации. Од друга страна беше посочено дека судството има влијание врз безбедноста на новинарите во однос на превенција, заштита и гонење на кривични дела и напади врз новинари.

Работилницата ја водеа Маргарита Цаца Николовска (поранешен судија во Европскиот суд за човекови права), Д-р. Снежана Трпевска, Институт РЕСИС, Емилија Петреска – Камењарова, Агенција за Аудио и Аудиовизуелни Медиумски Услуги и Иван Брешковски (адвокат).

Оваа активност беше организирана во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Северна Македонија“ кој е имплементиран од Здружението на новинарите на Македонија, а е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.