Гласниците на Груевски задолжени за неговата пропаганда и рејтинг освен што имаат усогласена уредувачка политика, интересно е што во последно време ги обединува и еден чуден маркетинг – огласувач. На насловните страници на Курир, Република, Нетпрес, Лидер, ТВ Алфа, впечатлива е рекламата на извесна фирма Рипостарт.
Ако кликнете на нивниот банер објавен на ударниот огласувачки простор на овие медиуми, интернет конекцијата ве води до онлајн продажба на разно разна бижитерија и ситни евтини апликации за декорирање на вашите домови.
Ако се обидете да ја проверите сигурноста на овој сајт (http://ripostart.com/) кој ги бара вашите пари за нивните производи, се што може да добиете како информација е некаков телефонски број со префикс 011 кој не знаете на која држава и припаѓа и една и – меил адреса. Сајтот, исто така, има опции за англиски и словенечки јазик.
Како потецијален клиент се обидов да ја контактирам фирмата. За жал во Македонија немаме никаква институционална грижа за потрошувачите па продажба врши секој, па и фирма без никакви податоци за неа. Меилот се врати, а на телефонот никој не се јавува.
Со оглед на опцијата за словенечки јазик, се заинтересирав дали постои ваква фирма во Словенија. Моите колеги од Љубљана пронајдоа фирма во словенечката престолнина, регистрирана под името “Рипост“ чиј управител е извесен Петер Шац.
Неговото име е веќе информација која открива многу работи.
Имено, Петер Шац пред точно една година кога завршија илузиите на Груевци за враќање на власт, како што забележа мојот колега Владо Апостолов на Призма, станал еден од сопствениците на ТВ Алфа.
Кој е Петер Шац?
Според информациите кои ги објави мојот колега Борут Мекина од словенечкиот неделник “Младина” , Петер Шац како сопственик на “Рипост“ е претставик на унгарскиот капитал вреден 1,9 милиони евра во три медиуми во Словенија, кои во стилот на нашите „курири“ работат во служба на десничарската партија на Јанез Јанша, инаку во нашата јавност добро познат, заедно со Унгарецот Виктор Орбан, како редок поддржувач на Груевски вон границите на Македонија.
Петер Шац како управител на “Рипост“ во словенечките медиуми ги застапува интерсите и на две други компании од Унгарија, Модерн Медиа и Ридикул, вели Борут Мекина. Според словенечка Младина, Петер Шац е само еден од оперативците на моќната групација, чиј извор на политичка и финансиска моќ е кабинетот на унгарскиот премиер. Петер Шац својата кариера ја започнува како финансиски директор во јавниот радио телевизиски сервис.
Колегата Борут, кому му раскажав дека не успеав да стапам во контакт со Петер Шац, ми го даде неговиот мобилен телефон, со напомена дека нема да добијам никаков одговор.
„Јас успеав да го добијам, но тој цинично се смееше на секое мое прашање. Потоа ми го запамети телефонот и го блокираше секој мој понатамошен обид за комуникација“, вели Борут.
Моите обиди да стапам во контакт на мобилниот на Петер Шац или на маил адресата на страницата на Рипостарт за да проверам дали зад Рипсотарт стои Рипостар завршија без успех.
Во оваа групација особено е интересно името на Арпад Хабони, сопственик на Модерн Медиа. Хабони е познат во Унгарија како личен советник и стратег на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Неговата Модерн Медиа е најмоќната во групацијата која во Словенија ја застапува Петер Шац”, пишува словенечка Младина. Нивните медиуми во Унгарија се финасирани 97% со пари на владата на Виктор Орбан. Унгарската влада во 2017 година на пример потрошила 40 милиони евра за различни кампањи во тамошните провладини мeдиумите, од кои најгласна беше онаа ориентирана за дискредитација на Фондацијата Отворено општество на филантропот Џорџ Сорос.
Кој е Арпад Хабони?
Арпад Хабони е клучната фигура која стои зад комуникациската стратегија на владата на Виктор Орбан. Главна алатка на неговата стратегија е да создава психоза и чувство на страв од перцепцијата за секој еден кој ќе се обиде политички да му се спротивстави на Виктор Орбан.
„Кампањите на Орбан под раководство на Хабони се секогаш насочени кон непријателот и никогаш не зборуваат многу за Орбан”, пишуваат колегите од унгарскиот веб портал 444.hu.
Хабони се зближува со Орбан во 2002 година кога овој ја губи власта на парламентарните избори. Од тогаш Хабони, чие високо образование е спорно за унгарските медиуми, успева да го шармира оксфордскиот студент Виктор Орбан со советите, како да се врати Орбановата политичка партија Фидеш на власт во Унгарија. Орбан и Хабони како блиски соработници успеваат во намерите и власта ја освојуваат со двотретинско мнозинство на изборите во 2010 година.
По преземањето на власта и брзите контроверзни политички одлуки за промена на унгарскиот устав со исклучително конзервативни содржини Орбан со помош на Хабони започнува да ја гради медиумската мрежа за поддршка на неговите политики.
Арпад Хабони ја формира денес моќната Модерн Медиа која заедно со уште неколку други познати бизнисмени исклучително блиски до Орбан преземаат голем дел од влијателните медиуми и креираат нови, сите во служба на Орбановата контроверзна политика поради која Унгарија денес го доби атрибутот дека е хибриден режим. во кој се доведени во прашање основните европски начела и вредности.
Модерн Медиа во 2016 според пишувањата на унгарскиот веб Маѓар Наренц заработил 4 милиони евра од владините кампањи.
Успехот на Хабони како комуникациски стратег на Орбан, се должи на инспирацијата која Хабони ја пронаоѓа во Артур Финкелстеинпознат комуникациски стратег во САД кој работел на кампањите на републиканците Ричард Никсон и Роналд Реган. Фикелстеин, кој почина во 2017, е запаметен во САД како човек кој успеа зборот “либерал” да звучи погрдно и одбивно за голем дел од американското гласачко тело.
Финкелстеин е всушност авторот на полтичките кампањи на Орбан за дикредитација на противникот и создавање чусвтво на страв кај населението како што беше случајот со последната медиска кампања против бегалците и Џорџ Сорос. Во овие кампањи како “страшна закана” за унгарските национални интереси не се штедеа на ЕУ, НАТО па и дури и ООН.
Хабони се зближува со Финкелстеин им му се нуди како негов линк до Балканот. Во 2015 година тие двајцата ја основаат фирмата “Дунав бизнис консалтинг” со седиште во Лондон, но како што се наведува на сајтот на оваа фирма, таа има свои канцеларии во САД и Србија.
Кој? Каде? Како? Со кого? – се прашања за оваа фирма за кои тешко ќе најдете одговор барем, на нивната официјална веб страница.
Од британскиот регистер на фирми може да се дознае дека сегашен управител на оваа компанија е Арпад Хабони. Ова консултанската компанија како што пишува унгарскиот 444.hu (https://444.hu/2017/08/23/finkelstein-meghalt-de-orokre-megvaltoztatta-a-magyar-politikat ) веднаш по основањето во 2015 година склучува договори за соработка со сестринските десничарски партии на Орбан на Балканот каква што е ВМРО ДПМНЕ, хрватската ХДЗ и партијата на Јанез Јанша во Словенија.
И тука некаде се затвора кругот во врските на Орабновите моќници со Никола Груевски и неговата пропагандна машинерија, која очигледно, не случајно во континуитет и без пардон, во духот на комуникацискиот гуру Артур Финкелстеин, се пресметува со полтичките неистомисленици, на начин со кои брутално беа прекршени сите етички стандари на новинарската професија.
Рипостарт ги избра сите медиуми во служба на Груевски за продажба на ефтина бижутерија и галантерија, но зад излогот на оваа евтина роба можеби се кријат многу повеќе пари.
Останува отворено прашањето за квантумот на финансиски средства и нивните текови во целата оваа мрежа. Но, за тоа се надеваме одговорите ќе ги обезбедиме во блиска иднина.
Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.