БЕЛГРАД, 29.08.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8000 членови, остро го осудува третманот на полицијата кон новинарот на порталот Индекс, Гордан Духачек, кој во понеделникот беше уапсен на аеродромот Фрањо Туѓман, поради обвинение поврзано со два негови постови на Твитер.
Според порталот „Индекс“, Духачек бил на разговор во полициската станица на улицата Хајнцелова во Загреб, еден ден пред неговото апсење (15 септември), бидејќи бил известен дека е осомничен за два прекршоци. И покрај разговорот, полицијата во понеделникот го уапси на аеродромот и го однесе во седмата полициска станица во Загреб, по што беше однесен во Судот за прекршоци во Загреб. Тој беше обвинет во врска со две објави на неговиот приватен профил на Твитер и беше казнет со парична казна од околу 100 евра.
Едниот твит бил објавен кон средината на 2018 година, а другиот пред само неколку недели. Во првиот твит тој се осврнал на полицискиот третман во Задар, користејќи го контроверзниот акроним „АЦАБ“, додека во другиот твит ја искористил песната „Вила Велебита“ на сатиричен начин.
Регионалната платформа предупредува дека полицискиот третман кон Духачек е неприфатлив и не може да се толкува како ништо друго освен заплашување.
Регионалната платформа го поддржува Здружението на новинарите на Хрватска (ХНД) во неговите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот.
“Неприфатливо е луѓето да бидат апсени за објавување на постови на социјалните мрежи. Начинот на кој се случи тоа не е соодветно за едно демократско општество, а особено не за земја членка на Европската унија. И во таа смисла, ХНД очекува дека вакви работи повеќе нема да се случуваат“, рече претседателот на ХНД, Хрвоје Зовко.
Потсетуваме дека секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и човековите права. Платформата ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна интервенција во областа на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во регионот на Западен Балкан.
Регионална Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност: Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб
BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia