Регионална платформа: Итно да се процесуираат заканите против Мартина Млинаревиќ

Регионална платформа: Итно да се процесуираат заканите против Мартина Млинаревиќ

САРАЕВО, 23.08.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8000 членови, остро го осудува вербалното насилство и заканите кон Мартина Млинаревиќ, блогер и публицист од Босна и Херцеговина, и ги повикува полицијата и релевантните судски органи итно да го истражат овој случај и да ги казнат лицата кои преку повик за насилство и говор на омраза претставуваат закана кон нејзината безбедност.

Мартина Млинаревиќ веќе со денови е изложена на брутално насилство и закани на социјалните мрежи, откако објави дека промоцијата на нејзиниот роман „Хузур“ беше ненадејно откажана на традиционалниот културен фестивал во градот Читлук во Западна Херцеговина. Учеството на Млинаревиќ на овој фестивал беше откажано поради притисокот од страна на спонзорите и лицата блиски до владејачките структури во Херцеговина, кои побарале од организаторите на фестивалот да ја откажат промоцијата, иако претходно беше најавена во програмата на фестивалот.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите смета дека заканите кон блогерката Млинаревиќ, како и забраната за промовирање на нејзиниот роман, претставуваат напад врз слободата на изразувањето, нејзината безбедност и професионалниот интегритет. Истовремено, ова претставува и брутален обид да се спречи Млинаревиќ да пишува критички за јавните службеници, пред сè за политичките и верските водачи на Хрватите во БиХ, но и за сите други политичари кои се носители на јавни функции.

„Повторувањето на заканите, говорот на омраза и загрозувањето на безбедноста на Мартина Млинаревиќ и нејзиното семејство покажуваат дека полициските структури и судските институции во оваа земја не ја работат својата работа доволно ефикасно за да се спротивстават на овој вид на насилство. Напротив! Во отсуство на ефикасен одговор, казнување на насилниците и оние кои шират говор на омраза, овие институции охрабруваат и создаваат ново насилство, што е директна закана и ограничување на слободата на изразување во Босна и Херцеговина “, рече Марко Дивковиќ, претседател на Здружението на новинари на БиХ (BHJA).

Тој нагласи дека „во овој случај исто така се работи за политичка цензура и обид за да се запре критичкиот глас против постапките и одлуките на јавните службеници во Херцеговина, со што сериозно се загрозува политичката дебата и плурализмот на мислењата во БиХ“.

Регионалната платформа ги поддржува барањата на Здружението на новинарите на БХ, упатено до надлежните полициски и судски институции во БиХ да спроведат итна и професионална истрага за овој случај и да ги казнат оние што стојат зад заканите и повиците за насилство врз Мартина Млинаревиќ.

Истовремено, уште еднаш ја потенцира важноста на слободата на изразување и плурализмот на информациите за развојот на демократското општество и почитувањето на правото на граѓаните да бидат информирани за прашања кои се важни за јавноста. Во согласност со ова, Платформата ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна интервенција во областа на слободата на говорот во регионот на Западен Балкан.

Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia

Регионална Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност: Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб