Регионална платформа: Правдата за убиените новинари мора да биде побрза

Регионална платформа: Правдата за убиените новинари мора да биде побрза

БЕЛГРАД, 04.08.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која застапува повеќе од 8.000 членови, ја поздравува првостепената пресуда за убијците на новинарот Славко Чурувија, убиство кое се случи на 11 април 1999 година.

Славко Чурувија беше убиен на пладне пред зградата во која тој живеел. Според обвинението, тој бил убиен “поради неговите јавни настапи во земјата и во странство и поради критиката кон политичките власти и можноста за влијание врз јавното мислење”. Судењето започна пред четири години, а од убиството се минати цели 20 години.

Специјалниот суд во Белград осуди четворица обвинети кои работеле во службите на поранешната државна безбедност: Радомир Марковиќ и Милан Радоњиќ беа осудени на 30 години, додека Ратко Ромиќ и Мирослав Курак беа осудени на 20 години затвор, додека директниот сторител се’ уште не е познат.

Ја потсетуваме јавноста дека во последните 30 години во регионот се убиени пет новинари во инциденти кои не се поврзани со било која војна. Досега се донесени само две пресуди (конечна пресуда во случајот на убиството на Пуканиќ и првостепена пресуда во случајот на Славко Чурувија). Она што ги загрижува новинарските здруженија и синдикати е дека во ниту еден од случаите не се откриени клучните лица кои ги нарачале овие убиства.

Регионалната платформа ги поддржува напорите на надлежните органи да ги изведат сторителите на најсериозните злосторства извршени врз новинарите пред лицето на правдата, но она што нè загрижува е фактот што од убиството на Славко Чурувија до пресудата минаа две децении.

Безбедноста на новинарите и борбата против неказнивоста на нивните убијци се од суштинско значење за зачувување на основното право на слобода на изразување, загарантирано со членот 19 од Универзалната декларација за човекови права.

Секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association

Trade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association of Serbia