Регионална платформа: Србија мора да дејствува и да ги заштити новинарите на Н1

Регионална платформа: Србија мора да дејствува и да ги заштити новинарите на Н1

БЕЛГРАД, 05.02.2019 –  Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која застапува повеќе од 8.000 членови, остро ги осудува смртните закани кон колегите од Н1 ТВ, кои следеа откако потпретседателот на партијата на власт (Српската прогресивна партија) Миленко Јованов сугерираше дека Н1 не биле објективни и дека ја признале независноста на Косово.

На 04 февруари Н1 ТВ објави дека нивната канцеларија во Белград примила серија навреди на социјалните мрежи, во кои нивните новинари биле нарекувани како “предавници” и “анти-срби”. Тие добиле и писмо со сериозни закани по нивните животи, животите на нивните семејства, како и порака дека зградата на Н1 ТВ ќе биде разнесена. Пораката гласела: “Имате ли вие семејства? Ги убивате нашите деца и внуци и не сте свесни дека доколку се случи уништување, вашата зграда ќе биде прва што ќе биде разнесена и притоа може да ги изгубите вашите најмили. Затоа, ние ветераните предупредуваме да не си играте со ничии судбини, бидејќи вашата судбина е во наши раце“. Писмото беше потпишано од “Белградските ветерани од војната во 1999“, но претседателот на ова здружение одби било каква негова вмешаност и ја повика полицијата да изврши истрага.

Инцидентот уредно беше пријавен во полиција.

„Преку сугерирање дека Н1 ТВ ја признала независноста на Косово, државните претставници директно ги иницираат и охрабруваат луѓето кои коментираат на интернет да ги нарекуваат телевизијата и новинарите како предавници“, рече Жељко Бодрозиќ, потпретседател на НУНС и додаде дека „Вакви јавни изјави од страна на функционерите стимулираат закани и напади кон новинарите. НУНС веќе подолго време укажува на овој проблем и побара од државните функционери да се откажат од тој речник и наместо тоа, тие да бидат пример за општеството“.

Во последните три години НУНС регистрираше повеќе од 80 случаи на притисоци врз новинарите и медиумите. Тие вклучуваат јавно етикетирање на новинарите како “предавници“, “странски платеници“ и слични квалификации дадени од страна на државните функционери.

Регионалната платформа го поддржува НУНС во своите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги повикува сите релевантни институции да го истражат овој случај, да ги доведат насилниците пред лицето на правдата и соодветно да ги казнат.

Дополнително, апелираме до највисоките претставници на Србија, претседателот на државата Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ да ги осудат овие ужасни закани и да влијаат на државните службеници за да престанат да ги етикетираат новинарите во јавност.

Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association

Trade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association of Serbia