Слободата на медиумите е меѓу врвните приоритети на Владата

0
180

СКОПЈЕ, 18.05.2018 – Европската федерација на новинари (ЕФЈ) беше поканета да се сретне со важни засегнати страни во медиумите, вклучувајќи го и раководството на домаќинот, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на 8-9 мај 2018 година во Скопје. Состаноците беа дел од проектот за градење капацитет на ЗНМ. ЕФЈ, исто така, се сретна и со Тамара Чаусидис, Претседателката на ССНМ и неколку фото новинари за да ја координираат заедничката работа и да дискутираат за некои од главните предизвици со кои се соочуваат новинарите во Македонија.

На 9 мај, Ренате Шредер директорот на ЕФЈ, заедно со директорот на ЗНМ Драган Секуловски, се сретна со Роберт Поповски, министер за комуникации, транспарентност и отчетност при Владата на Република Македонија. ЕФЈ му честиташе на министерот за спроведувањето на новата политика и подобрената соработката со новинарската заедница, а особено со ЗНМ.

„Кабинетот на министерот за комуникација, транспарентност и отчетност е нов и ќе ја одразува нашата цел да бидеме отворени, транспарентни и демократски. Слободата на медиумите и слободата на новинарите се главни приоритети на нашата влада“, рече министерот Роберт Поповски. „Затоа ние организираме неделни средби со печатот, водиме политика на нулта толеранција против нападите врз новинарите и спроведуваме реформи во медиумите“, рече тој.

Ваквата медиумска реформа вклучува подобрувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, клевета, реформа на медиумите на јавниот сервис МРТ, за што се потребни подобрени финансиски средства и уредувачка независност.

“Ние сакаме вистинските професионалци да работат, оние кои се независни од политичкиот притисок, но потребна е и опозицијата да се согласи со нашите предлози“, истакна тој. 

На состанокот, исто така, се разговараше за конкретниот проблем со кој се соочуваат фоторепортерите, каде владата создава фотографии што им се испраќаат на медиумите. Група фоторепортери го привлекоа вниманието на EFJ на еден од претходните состаноци. Ова предизвикува економски проблеми, бидејќи фоторепортерите не можат да се натпреваруваат со фотографиите кои се бесплатни, но ова претставува и морален проблем бидејќи овие фотографии не се етикетирани како владини фотографии и се гледаат како владин ПР.

Министерот Поповски го препозна проблемот и не увери дека ќе се фокусира на истиот. “Медиумите немаат доволно пари да испратат новинар на прес конференции или владини настани. Целта ни беше да им помогнеме на медиумите”.

ЕФЈ и ЗНМ се сретнаа и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и со Дејан Андонов, заменик-министер за професионални стандарди и внатрешна контрола при Владата на Република Македонија. Министерот, исто така, го истакна новиот владин пристап кон новинарите, и нулта толерантноста за неказнивост.

Тој наведе три проекти, вклучувајќи:

  • Потпишување на меморандум за подобрена соработка со ЗНМ;
  • Потпишување на меморандум за подобрена соработка во истрагите за случаите на нападнати новинари меѓу полицијата, обвинителите и новинарите, вклучувајќи обука за градење доверба;
  • Претходни случаи кои сè уште не се испитани.

Оливер Спасовски призна дека во малиот македонски медиумски пазар, атмосферата на самоцензура и страв продолжува и рече дека е потребен интердисциплинарен и меѓуинституционален пристап за постепено да се промени културата на неказнивост.

ЕФЈ го потсети министерот за целосно спроведување на Препораката на Советот на Европа (2016) 4 за заштита на новинарството, безбедноста на новинарите и другите медиумски актери.

Последниот извештај на ЗНМ насловен „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите” (декември 2017) ги истакнува многуте предизвици со кои се соочуваат новинарите во Македонија, меѓу кои и срамните работни услови, недостатокот на уредувачка независност и етичките предизвици.

Оваа активност беше во рамките на проектот финансиран од ЕУ “Мрежа на новинари за слобода на медиумите во Македонија”, имплементиран од ЗНМ во соработка со ЕФЈ.

По оваа кратка мисија, ЕФЈ, АЈМ и ССНМ отидоа во Струга (Македонија) да учествуваат на Конференцијата за медиуми на Југоисточна Европа на ОБСЕ. Ренате Шредер ја модерираше првата сесија за безбедноста на новинарите. Сите учесници на конференцијата усвоија декларација за обидот за убиство на новинарката Оливера Лакиќ.

Фото: Влада на Република Македонија