СКОПЈЕ, 28.09.2017 – Една недела по гаснењето на весникот „Врањске“ и шест дена од штрајкот со глад, Вукашин Обрадовиќ зборува за порталот на НУНС за својот потег кој ја дигна на нозе новинарската профресија и ја размрда зачмаената српска јавност
Непосредно воочи гаснењето на „Врањске“, рековте дека, по 23 години, немате више ни сила ни воља да се спротивставувате на секојдневните притисоците, од разните инспекции, до политичките сопки. Ден по гаснењето одлучивте да се борите, на свој начин, видејќи не сакате да бидете икебана или ловечки трофеј кој властите ќе го закачат на ревер. Што ве прекрши во таа насока?
– Мојот протест требаше да се заврши, барем со таа идеја тргнав во сè, да предупредам, да го свртам вниманието на јавноста на она што му се случува на „Врањске“, но не само нам. После тоа, сакав едноставно да замолчам бидејќи, навистина, немав повеќе сила да го продолжам она што новинарите на „Врањске“ го работеа 23 години. Реакцијата и поддршката од колегите, здруженијата на новинари, мојот НУНС, невладиниот сектор, поединци, сè она што се случуваше во тие 24 часа, ми ги „поремети“ плановите. Морам да признаам дека не очекував таква ситуација. Таа солидарност всушност беше пресудниот момент да ја променам мојата првобитна одлука и, уште еднаш, колку што е тоа во моја моќ, да помогнам во борбата за слобода на медиумите и одбраната, пред сè, на нашето достоинство.
Помина речиси една недела откако ги поднесовте барањата до директорката на Даночната управа во Врање. Или ли одговор или индикација дека брзо ќе добиете одговор?
Не, сè уште нема одговор ниту било каква реакција од Даночната управа. Инспекторите продолжија со контролата, но ни тој извештај не е готов.
За време на штрајкот со глад, медиумите пренесуваа дека некои од своите барања ќе ги поднесете на адреса Немањина 11. Дали се работи за дезинформација или се откажавте од тие барања?
– Можеби не бев најпрецизен, но сакав една од последиците на мојот протест да биде, пред сè, новинарските здруженија, медиумските асоцијации, невладините организации кои се занимаваат со човекови права, заинтересираните поединци, заедно да формулираат јасни барања до Владата на Србија, односно Министерство за култура и информации, со цел да се застане на патот на понатамошно уништување на слободните медиуми. Очекувам тоа да се случи бидејќи власта мора да преземе одговорност за она што се случува на медиумската сцена, односно, ние мора да ги натераме тоа да го сторат.
Дали откако стапивте во штрајки, ви се обратил некој од општинските органи на власта?
– Не, а и зошто би ми се обратиле? Па тие и го иницираа во добар дел сето ова што му се случува на „Врањске“.
Дали ве контактирал, официјално или неофицијално, некој од власта?!
– Официјално, никој. Имаше еден краток разговор кој не сум сигурен како да го окарактеризирам. Самата форма не е ни важна бидејќи од тој повик немаше никаков ефект и покрај даденото ветување.
Како го разбирате соопштението на Владата на Србија: поддршка на штрајкот со глад, кокетирање со фактите, како писмена работа на некој неук но надмен бот или нешто четврто?
– По малку од сè од набројаното, но највеќе како доказ дека во однос на власта не се наѕира намера било што да промени во оној дел од медиумите и новинарите кои не се под контрола на власта.
Премиерката отиде чекор понапред: со хаштагот #DostaLicemerja на Твитер, таа всушност ве нарече лицемер. Имате ли рационално објаснување за тоа?
– Јас, сепак, имам разбирање за претседателката на Владата. Правиот, вистинскиот претседател на Влада, воедно и министер за информации, тие денови беше во Њујорк, зафатен со важни работи, и таа беше принудена да се снаоѓа во ситуација на која очигледно не ѝ е дорасната, па веројатно ѝ се причинило дека ќе биде најсоодветно, и за неа најбезболно, да примени испробан рецепт во односот кон медиумите: полувистини, етикетирање, навреди, претворање на новинарите во политички противници.
На денот кога започнавте со штрајкот со глад, премиерката престојуваше во Врање и на прашањето да го прокоментира случајот со „Врањске“ рече дека нема доволно информации. Дали е можно утредента да ѝ биле проследени селектирани информации?
– Инспекторите веднаш по нејзината изјава, во текот на контролата, побараа податоци кои токму претседателката на Владата ги искористи. Секако, со фалсификувано толкување на реалната состојба кога се во прашање средствата кои ги добиваше „Врањске“ од Републиката и од локалната самоуправа.
Дали тој (или таа) кој ја информирал премиерката намерно ги сокрил дефинициите „проектно кофинансирање“ или „јавен интерес“ и намерно заборавил да ѝ ги предочи цифрите кои се однесуваат на оние медиуми кои ја поддржуваат владејачката партија во Врање?
– Во тој момент тоа не им беше важно. Целта беше со овие бројки да се прикрие фактот дека проектното кофинансирање се претворило во начин на преливање на парите на граѓаните на Србија во подобни медиуми, и дека јавниот интерес е претворен во партиски.
Дали очекувавте ваква реакција од колегите и јавноста?
– Не, морам да признаам. Имав впечаток, пре овие случувања, дека новинарите, барем оние кои сите овие години и децении бркаат ветерници, неповратно ја имаат загубено енергијата во секојдневно мрцварење, понижување, притисоци, закани. За среќа, сум се излажал.
Дали изостана поддршка од некој кому сте верувале?
– Можеби и да, но покрај сите оние кои застанаа во одбрана на „Врањске“ немам намера ниту морално право да размислувам за нив.
Можеби ова прашаше требаше да го поставиме на почетокот: како се чувствувате и имате ли сила и воља за понатамошно расветлување на мракот во Србија? .
– Многу размислував за тоа последниве денови и се преиспитував. Морам да признаам дека се чувствувам уморен и истрошен од сите искушенија низ кои се минуваше сите овие години, како всушност и многу мои колеги и колешки. И токму поради тоа, ради сè она што досега го правевме, ми се чини дека немам право сега да се откажам. Ќе бидам тука сè додека имам сила, но очекувам оваа битка да ја продолжат нашите колеги и колешки. И сигурен сум дека ќе биде така. Бев најсреќен, нека ми простат останатите, кога во првите редови на простестот #StojimUzVranjske видов девојки и момци од ЦИНС, КРИК, БИРН и други медиуми.
Уште само ова: да морате утре да гласате за еден, за кого би гласале: Слободан Милошевиќ, Томислав Николиќ или Вучиќ?
– Мислам дека веќе одговорив на тоа прашање.
Извор: ССНМ