СКОПЈЕ, 01.03.2018 – По повод 72 годишнината од формирањето на Здружението на новинари на Македонија, вчера беа доделени годишните новинарски награди на ЗНМ за животно дело и истражувачка сторија.
Добитници на наградата за истражувачко новинарство се Менче Атанасова Точи и Снежана Лупевска Созен, а наградата за животно дело му припадна на новинарот Љубомир Гајдов.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани им честиташе на добитниците на наградите и истакна дека тие се пример за тоа како треба да изгледа еден новинар во слободна и демократска земја.
Селмани рече дека новинарите сеуште се соочуваат со сериозни проблеми, како што е неказнивoста на насилството на новинари и реформата во медиумската законодавство.
„И покрај декларативната заложба на новата власт да се бори против практиката на неказнивост на насилството против новинари, сепак ниту еден напаѓач на новинар не е изваден пред лицето на правдата“, истакна Селмани.
Тој истакна дека во меѓувреме новинарите се соочуваат со нови форми на притисок, како што е обидот да им се врзат рацете на новинарите доделувајќи им безбедносни сертификати и практиката на големите компании да ги користат рекламите за притисок врз медиумите.
Според него, борбата на новинарите за слободата на говорот ќе продолжи затоа што живот без слобода е ропство. „Обединети и сплотени сме посилни и поиздржливи до денот кога слободата на говорот во Македонија нема да биде само мртво слово на хартија, туку ќе биде дел од нашиот живот“, порача претседателот на ЗНМ.
Добитниците на наградите се заблагодарија на ЗНМ за укажаната чест и порачаа дека се надеваат идната година ќе бидат наследени од млади колеги новинари кои треба од нив да ја преземат истражувачката палка. Инаку годинава за наградата за истражувачки стории беа пријавени 25 новинари.