Во рамките на Годишното собрание на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) во Загреб на панел дискусијата насловена “Journalists under pressure in the Balkans” од страна на истражувачите од седум земји беше претставен индексот за степенот на безбедноста на новинарите од Западен Балкан за изминатата година.
Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Милан Спировски во улога на проектен истражувач имаше свое излагање каде ги претстави индикаторите и тековните трендови во контекст на безбедноста на новинарите во Северна Македонија.
Тој пред седумдесетина делегати од новинарските здруженија од повеќе европски земји истакна: ,,Изминатата година бројот на случаи против новинари и медиуми во Северна Македонија е намален но општата политика на неказнивост продолжува посебно во делот на старите случаи каде се повредени правата на новинарите. Само два од 14 случаи беа решени со судска пресуда, а јавната осуда на релевантните актери за нападите на новинарите веќе стана пракса, но има примери на јавни понижувања од страна на претставници на партиите кон новинарите“.
На панелот беше исто така укажано дека ЗНМ континуирано бара посебни одделенија во кривичниот суд и обвинителството за да се зголеми ефикасноста во заштитата на правата на новинарите посебно сега во пресрет на новите измени на Кривичниот закон каде се дава дополнително институционална заштита на новинарите.
Панелот беше во рамки на годишното собрание на ЕФЈ кое застапува над 320.000 новинари од 44 земји од 70 новинарски здруженија. На настанот од ЗНМ учествуваа Драган Секуловски, директор на ЗНМ во улога на делегат и Милан Спировски како истражувач и ко-автор на годишниот извештај за индикатори на безбедност на новинари.
08 октомври 2021 година, Загреб