СКОПЈЕ 21.08.2017 – Вработените во канцеларијата на Здружението на новинарите на Македонија учествуваа на обуката „Градење на стратегија за застапување и лобирање“.
Обуката беше организирана во рамките на проектот: „Регионална платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштита на новинарите“ кој е поддржан од Европската Унија и се спроведува во земјите од западен Балкан.
Дводневната обука се одржа во просториите на ЗНМ од искусниот обучувач Сузана Јашиќ од Хртватска. Јашич е експерт во областа на застапување и лобирање и поранешен претседател на граѓанската организација ГОНГ, чија главна цел е унапредување и промовирање на човековите и граѓанските права.
Оваа обука послужи за креирање на долгорочна стратегија на ЗНМ во областа на застапувањето и лобирањето за новинарските права и слободи. Стекнатите знаења помагаат во градењето на капацитетите на Здружението и своите вработени со цел да се влијае на подобрувањето на медиумските слободи и за безбедноста на новинарите преку современите начини на лобирање и застапување.