СКОПЈЕ 06.09.2017 – Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Владата за обезбедување на бесплатен пристап на новинарите до документите од Централен регистар и Агенцијата за катастар на недвижностите.
Веруваме дека бесплатниот пристап на новинарите до важни документи во земјата ќе го олесни пристапот на истражувачките новинарите до информации од интерес за јавноста, а со тоа ќе се подобри и информираноста на граѓаните.
Сметаме оваа одлука ќе ја зголеми транспарентноста, отчетноста и одговорност на носителите на јавните функции, а воедно ќе влијае и за намалување на корупцијата и на разни форми на злоупотреби на власта.
„Постојано сме инсистирале на новинарите да им се овозможи слободен пристап до информациите од јавен карактер со цел да се поттикне развојот на истражувачкото новинарство кое се наоѓа на маргините на медиумскиот простор“ истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
ЗНМ и во иднина ќе ја поддржи секоја мерка на Владата која оди во прилог на обезбедување поволен амбиент за работа на новинарите.