ЗНМ ги осудува нападите и заканите кон новинарите на 24 Вести и Порталб

    0
    164

    СКОПЈЕ 12.06.2017 – Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува најновите напади и закани против новинари, кои се случија минатата недела.

    Физичкиот напад врз екипата на Телевизијата 24 Вести од страна на обезбедувањето на трговскиот центар во Штип и заканите на поранешниот министер за правда Блерим Беџети врз новинарката на Порталб Елида Зилбехари, претставуваат директен напад врз слободата на медиумите.

    Попречувањето на снимателот на 24 Вести Иван Камчев да го сними Трговскиот центар и упатувањето закани преку посредници на новинарката Зилбехари од страна на Беџети, имаат јасна цел да ги замолчуваат новинарите и да не ги критикуваат негативните појави во општеството.

    Ваквите дрски напади и закани покажуваат дека насилниците што досега напаѓаа новинари не се обесхрабрени од промената на власта во Македонија. Го повикуваме новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш да ги идентификува и да покрене соодветни пријави против насилниците.

    Ја потсетуваме новата влада дека вистинските реформи во медиумите ќе почнат тогаш кога ќе престане насилството врз новинарите, кое ќе се постигне само ако остро се казнуваат насилниците.

    Македонија во мај минатата година ја прифати препораката на Советот на Европа за безбедноста на новинарите. Согласно препораката нашата влада е обврзана да им гарантира безбедна средина за работа на новинарите.