Новинар во Србија добил телефонски смртни закани

    0
    91

    Уредникот на списанието „Дрвотехника“ Драгојло Благојевиќ добил смртни закани преку телефонски повик ноќта меѓу 12 и 13 јули. Заканите следеле по објавувањето на јулскиот број на списанието во понеделникот. „Ти си Драгојло? Дали е тоа починатиот, кој почина пред една година? О не, тој уште не е мртов, само ќе умре“, му рекол машки глас преку телефон, предупредувајќи го новинарот дека само ќе види кој е. На инсистирање на Благојевиќ да се претстави, човекот рекол дека се вика Станко Васиќ, што, според новинарот, веројатно е лажно име.

    Тој претпоставува дека заканите имаат врска со написот со наслов „Дистрибуција на суровини од државните шуми под превезот на тајноста“, објавен во последниот број на списанието „Дрвотеника“ во понеделник, 11 јули.

    Благојевиќ во споменатиот текст пишува дека „некои моќници од дрвната индустрија препродаваат дрво по двојно поскапа цена, а државата сето тоа долго го толерира или поттикнува“, како и дека расте извозот на дрвени асортимани и „Домашните преработувачи на дрво имаат големи проблеми во снабдувањето со репроматеријали, работниците добија отказ, а увезуваат суровини што ги прави далеку повисоки производствени трошоци. Сето ова се рефлектира на пазарот и на џебот на крајниот клиент“.

    „Тоа е сериозна закана што не се изразува така лесно, особено затоа што сум сигурен дека тоа е поради текстот што го напишав. Секако дека се чувствувам загрозено, поради што морав да се засолнам. Добив многу повици од луѓе од дрвната индустрија кои ме поддржаа поради пишаниот текст и заканата што ја добив“, изјави Драгојло Благојевиќ за мрежата ,,SafeJournalists”, додавајќи дека заканите ги пријавил во полиција. Ова не е првпат Благојевиќ да добива закани. На ист начин, во јануари 2020 година, според Благојевиќ, му се заканувал генералниот директор на Јавното претпријатие „Србијашуме“, Игор Брауновиќ, а тој случај се уште не е разрешен. Брауновиќ подоцна изјави дека не бил тој кој и се заканувал на новинарот.

    Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, најостро ги осудува заканите упатени до Благојевиќ и ги повикува полицијата и обвинителството брзо да реагираат и да го пронајдат и санкционираат лицето кое му се заканувало на новинарот. Бараме и од надлежните да ги решат претходните закани. Сметаме дека овој процес трае предолго.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 14.07.2022

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора