Осуда за незаконското притворање на новинари во Скопје

    0
    157

    СКОПЈЕ, 03.11.2017 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 7800 членови, остро го осудува апсењето на камерманот од ТВ 21 Ибрахим Махмути и на фотографот од Косово, Блерим Ука за време на пресудата на случајот „Диво Насеље“.

    Разочарува фактот што овој инцидент се случи на 2 ноември, Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите. Ваквиот однос на институциите кон новинарите е неприфатлив и има за цел да ги заплаши новинарите и да поттикне автоцензура кога известуваат за одредени судски постапки.

    Колегите Махмути и Ука, беа задржани во полициската станица цели шест часа, со образложение дека ги снимале судиите за време на судењето. „Очекуваме полицијата сериозно да го испита овој инцидент и да преземе соодветни мерки. Само со отворен дијалог меѓу новинарите и одговорните институции можеме да ја смениме лошата практика на неказнување на злосторствата врз новинарите”, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

    Платформата бара од македонските власти веднаш да го истражат овој случај и сите претходни напади врз новинарите и да ги санкционираат сторителите.

    Регионалната платформа силно го поддржува Здружението на новинари на Македонија и нивните напори за заштита на новинарите и слободата на говорот. Во исто време, ги повикуваме меѓународните организации да извршат дополнителен притисок врз македонските власти, за да ја почитуваат слободата на изразување и слободата на медиумите, како и да обезбедат безбедни услови за работа на новинарите.

    Секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 03.11.2017.

    BH Journalists Association
    Trade Union of Media of Montenegro
    Croatian Journalists’ Association
    Association of Journalists of Kosovo
    Association of Journalists of Macedonia
    Independent Journalists Association Serbia