СЈ: Поздравена брзата реакција на Инспекторатот на Косовската полиција по апсењето на косовскиот снимател

    0
    34
    Photo: Pixabay

    На 3-ти февруари во градот Сухарека близу Призрен, косовската полиција го уапси снимателот на новинската агенција „Економија Онлајн“, Албион Селитај додека професионално ја извршувал својата работа, известувајќи од акцијата на полицијата во „НБИ Сухарека“. Според снимателот, полицијата почнала да го турка, а кога тој рекол дека ќе замине само за да ја земе камерата, полицијата не му дала доволно време да ја земе опремата и да замине, па веднаш постапила.

    По брзата реакција на Здружението на новинари на Косово, мрежата SafeJournalists беше информирана дека полицискиот инспекторат суспендирал двајца инволвирани полицајци, а пет од нив се под истрага.

    Џемаил Реџа, претседател на Управниот Одбор на Здружението на новинари на Косово, рече дека однесувањето на косовската полиција е тотално непрофесионално и неприфатливо и додаде: „Бевме шокирани кога ја видовме снимката како еден од нашите колеги беше извлечен и уапсен од Косовската полицијата. Сè е фатено на лента“. Тој рече дека снимателот бил ослободен откако бил сослушан во локалната полициска канцеларија и додаде: „Она што се случи денеска претставува пример за тоа како безбедносните сили не треба да се справуваат со медиумите. Ова прашање го покренавме на највисоко ниво на косовската полиција и Министерството за внатрешни работи и побаравме вакви сцени да не се повторуваат повеќе“.

    Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се солидаризира со колегата од Косово, Албион Селитај. Го поздравуваме фактот што надлежните брзо реагираа во овој случај и очекуваме целосна транспарентност од надлежните за овој случај. Институциите треба да ја поддржат слободата на говорот и да ги заштитат медиумските работници и да не ги прекршуваат нивните права.

    Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 04.02.2022

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружението на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора