Чадиковски на средба со евроамбасадорот Гер

    0
    237

    Зголемениот број на напади врз новинари, потребата од поширок консензус во начинот на избор на телата во АВМУ и МРТВ, како и подобрување на статустот на правата на новинарите, беа во фокусот на средбата на Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски и директорот Драган Секуловски со евроамбасадорот Дејвид Гер и неговите блиски соработници.

    Се разговараше за состојбата во медиумите во државата, начините за нивно финансирање во насока на создавање поквалитетна новинарска содржина, како и за правните предизвици кои претстојат како услов за подобрување на атмосферата во секторот.

    Чадиковски се заблагодари за поддршката на Делегацијата на Европската Унија во напорите да ги истакне главните проблеми со кои се соочува секторот, а се дел од последниот извештај на Европската комисија.

    Како главни предизвици со кои се соочуваат новинарите во последната година беа истакнати зголемениот тренд на напади кон медиумските работници, постојаната политика на неказнивост како и последните судски одлуки кои се на штета на правата на новинарите, беше истакнато на средбата.

    Системската заштита на новинарите и претпазливост во носењето на законските решенија кои се однесуваат на работата на МРТВ и приватните медиуми, во согласност со насоките на Советот на Европа се предуслов за подобрување на неповолната состојба во која се наоѓа медиумскиот сектор“, истакна Чадиковски.

    Освен ова, Секуловски укажа на евроамбасадорот на потребата од поголема активност во јавноста од страна на Делегацијата на ЕУ кога има повреда на права на медиумските работници. Дополнително тој ја истакна потребата од засилен мониторинг како во процесот на носење на закони така и на судските постапки во кои една од странките е новинар.

    Присутните се согласија дека е важно во иднина да се продолжи со поблиска соработка во насока на подобрување на амбиентот во кој работат медиумските професионалци.